• петок, 27 декември 2024

КСС ќе бара изземање на судијата Зиков од споровите за работни односи

КСС ќе бара изземање на судијата Зиков од споровите за работни односи
Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) – Конфедерацијата на слободни синдикати денеска обвини дека судијата Санде Зиков постапува нестручно и непрофесионално по постапки поднесени од страна на синдикални претставници. На денешната прес-конференција пред Апелацискиот суд во Скопје, синдикални претставници  рекоа дека Зиков носи одлуки на штета на работниците и синдикалните претставници. Посочија два случаи со синдикалниот претставник на Водовод, Зоран Дионисијев и со синдикалниот претставник на затворите, Стојанче Јовановски во кои одлучувал судијата Зиков. -Зоран Дионисијев, синдикалниот претставник на Водовод Скопје, кој е претседател и на повисоко ниво добива отказ од работа спротивно на Законот за работни односи и конвенциите на МОТ и за истото поведува судска постапка. Првостепениот суд два пати донесува позитивна одлука, додека на Второстепениот суд, судијата Санде Зиков ја преиначува одлуката и одлучува дека синдикалните лидери слободно можат да се бркаат од работа, истакнаа синдикалните претставници. Според нив, судијата Зиков ја злоупотребува својата положба и не го почитува трудовото право и меѓународните конвенции. Најавија дека ќе поднесат претставка до Судскиот совет за изземање на судијата Зиков за водење на спорови од областа на работните односи, а за случајот ќе ги информираат и надлежните министерства, премиерот и претседателот на државата. бак/лв/  

Остани поврзан