• четврток, 26 декември 2024

КСС: Пандемијата ја покажа вредноста на работниците за нормално функционирање на општеството

КСС: Пандемијата ја покажа вредноста на работниците за нормално функционирање на општеството
Скопје, 1 мај 2021 (МИА) - Со паролите „Да живее 1 мај“ и „Правда за работничките права“, раководството на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска пред Владата на Северна Македонија јавно ги искажа своите барања и незадоволства во однос на работничките права. - Раководството на КСС инспирирано од нашиот протест и прес-конференции организирани во изминатиов период, денеска до Владата ќе достави првомајски манифест со нашите барања. КСС изразува огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, особено во време на пандемија кога голем број работници ги изгубија своите работни места, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС. Ралповски истакна дека кризата уште еднаш ја покала вредноста на работниците за нормално функционирање на општеството, особено во време на пандемија. Тој оддаде почит и за здравствените работници, кои од минатата година несебично придонесуваат во борбата со коронавирусот. Претседателот на КСС ги поздрави и професиите кои не се често во фокусот на јавноста, а сепак ги извршуваат работните обрски, како што се вработените во трговијата, градежниците, одржувачите на хигиена, пожарнираки, полиција, медиумски работници. - Првото барање е итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, а тоа е КСС. Второ, усогласување на платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата, од причина што овој момент имаме порамнување на повеќе работни позиции со различен степен на сложеност на работните места со непочитување на Законот за минимална плата во целост, а тоа е членот 2 и членот 8 каде што можеме слободно да кажеме дека на 300 до 400 илјади работници природно не им се зголемија нивните плати, наведуваат од КСС. Третото барање на КСС е исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор. КСС исто така бара да се исплати регрес за годишен одмор и за оние работници на кои ова право им е регулирано со колективните договори. Велат дека тоа право не може да се суспендира со уредби или со заклучоци на Влада. Исто така, бараат да престане прогонот врз синдикалните лидери и политичкиот притисок врз синдикалното организирање. - Четврто барање е итно формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемија за да можат да ги сервисираат своите семејни трошоци. Многу пати кажавме да се формира тој солидарен фонд за да се обесштетат работниците, но наместо тоа се формираше солидарен фонд за справување со пандемијата и сведоци сте дека парите што беа наменети од ЕУ за Западен Балкан не ни ги доделија на нас затоа што не знаат колку и каде сме потрошиле пари, посочи Претседателот на КСС. Петтото барање на КСС е безусловно почитување на Уставот, законите и колективните договори. Шесто, да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или контролираат законите од областа на трудовото право и тоа министерствата, правосудството, инспекторатите, а тука предничи Државниот инспекторат за труд. Седмото и последно барање  е исплата сто отсто плата за оние кои се заразени со Ковид-19 на работно место или се во самоизолација и признавање за професионално заболување на Ковид-19 за сите работници во Македонија. На новинарското прашање зошто нема единство во синдикатите, Ралповски истакна дека за претходниот протест испратиле барање за поддршка до Сојузот на синдикати на Македонија, како и до голем број граѓански организации, но како одговор добиле објаснување дека периодот од пет до шест дена за организација не е доволен. Тој додаде дека го повикува „братскиот синдикат ССМ“ да им се придружи и заеднички да ги одбранат работничките права. ки/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан