• среда, 18 декември 2024

КСПС: Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување

КСПС: Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување

Скопје, 27 април 2023

На 78мата седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 27.04.2023 година беше донесена одлука за престанок на функцијата јавен обвинител поради старосна пензија, беше донесена одлука за објавување на оглас за избор на основен јавен обвинител и беше дискутирано за поведението на двајца обвинители кои не се појавувале на работно место, односно за кои Советот немал информации за нивната работа цели 4 години, како и беше донесен заклучок Советот да се обрати до Етичкиот кодекс за постапување во врска со поведението на еден од двајцата обвинители поради изнесени јавни критики за работата на Советот.

Во оваа насока, Коалицијата „Сите за правично судење“ би сакала да ја истакне својата загриженост за неинформираноста на Советот за работата на одредени јавни обвинители цели 4 години, иницирањето на постапка пред Етичкиот совет поради јавно изнесени критки на јавен обвинител, фактот што дискусијата за овие прашања се одвиваше под точката разно, како и фактот што во соопштението објавено на веб-страната на Советот отсуствуваат информации токму за овие точки на дискусија.

Имено, под точка разно, од страна на претседателот на Советот беше истакнато дека е стигнат допис од страна на Основен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Куманово, во кој допис меѓудругото е наведено дека обвинителство има проблем со недостиг на јавни обвинители, како и дека еден јавен обвинител кој со одлука на Советот е вратен да постапува во своето матично обвинителство, откако Специјалното јавно обвинителство престанало да постои, сепак не оди на работа. Во продолжение на дискусијата по овој допис, од страна на членовите беше истакнато дека истите имаат сознанија како уште еден јавен обвинител (кој претходно работел како јавен обвинител во СЈО) исто така не одел на работа во матичното обвинителство во последните 4 години. Дотолку повеќе што членовите истакнаа дека истите немаат информација зошто овие обвинители не одат на работа, дали можеби се упатени на работа во некое друго обвинителство, дали воопшто постапуваат по предмети, односно дали имаат земено предмети во работа и слично.

Откако ова беше истакнато на седницата, и паралелно додека траеше дискуијата по однос на ова, се покрена и прашањето во врска со однесувањето на јавен обвинител кој за време на научна конференција при своето излагање има упатено критики кои се однесуваат на Советот на јавните обвинители и неговото постапување, при носење на одлуки. Однесувањето на обвинителот беше анализирано од аспект на тоа дали таквото негово постапување е спротивно на правилата предвидени со Етичкиот кодекс, поконкретно со членот 10 од истиот, кој се однесува на почитување на принципот на професионалност, од страна на јавните обвинители. При што на крајот од дискусијата, беше донесен заклучок Советот да се обрати до Етичкиот совет на јавни обвинители за натамошно постапување.

Во однос на ова, загрижува тоа што Советот на јавните обвинители цели 4 години не е запознаен со тоа дали определени јавни обвинители одат на работа или не, односно дали воопшто имаат земено предмети во работа и постапуваат по истите. Особено со оглед што во членот 9 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, таксативно се наведени надлежностите на Советот, па меѓудругото е предвидено и тоа Советот да ги разгледува и оценува годишните извештаи на јавните обвинителства, што пак значи дека Советот во изминатите неколку години ги разгледувал и оценувал и извештаите кои се однесуваат на работата на јавните обвинителства во кои што јавнообвинителска функција извршуваат и овие јавни обвинители. Дополнително, еден од обвинителите за кои стана збор е воедно и јавен обвинител задолжен за канцеларијата за врски со Европравда, па така овој обвинител изготвува и посебни извештаи за работата како обвинител во канцеларијата за врски, во кои извештаи е нотирано дека јавниот обвинител користи посебни канцеларии, надвор од зградата на матичното јавно обвинителство. Во оваа насока, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија има донесено и посебни одлуки со кои на споменатите обвинители им се даваат задолженија и обврски кои се однесуваат на грижа за материјалите, инвентарот и просториите кои ги користеше поранешното Специјално јавно обвинителство. Оттука е навистина нејасно како Советот за цел овој временски период, не бил запознаен со ваквата состојба и оправдано се покренува прашање за должното внимание со кое членовите на Советот ги извршуваат своите надлежности. Со други зборови, неифнормираноста за определена состојба, во ситуација кога субјектите можеле и биле должни да ги знаат состојбите, не може да се смета дека е оправдување и дека истите ги иззема од одговорност.

Од друга страна, Коалицијата веќе во неколку наврати ја има истакнато својата загриженост во врска со одредбите во Етичкиот кодекс на јавните обвинители, особено од аспект на тоа дека истиот предвидува исклучително голем број на забрани за јавните обвинители за коментирање на случаите по кои постапуваат, но и забрана во јавност да ги коментираат одлуките и начинот на постапување на Советот на јавните обвинители и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Согласно досегашните ставови на Коалицијата, ваквите одредби во Етичкиот кодекс одат во целосна спротивност на начелата на транспарентно и отчетно постапување кои исто така се опфатени и со Законот за јавното обвининтелство, како и се спротивни на должноста на јавните обвинители да ги применуваат начелата на добро управување, вклучително и борбата против корупцијата, судирот на интереси и неефикасното постапување во рамки на сопствената професија. Ова е особено битно доколку се земе предвид дека токму јавните обвинители се тие кои ги бираат членовите на Советот на јавните обвинители. Во таа насока, јавното постапување, транспарентноста и отчетноста согласно демократските принципи и стандарди на добро владеење, меѓу другото значи дека одлуките и мислењата на кој било орган можат да бидат предмет на дискусија од страна на секој граѓанин, а со тоа и јавноста да може да понуди и гледишта различни од оние кои се заземени од страна на институцијата или органот. Во спротивно, не може да се избегне впечатокот дека ваквите забрани се само обид на Советот да ги потчини јавните обвинители и да оневозможи каква било критика од своите сопствени конституенти.

Поради ова, со жалење можеме да констатираме дека овие одредби, не само што не беа променети, туку истите веќе започнуваат да се применуваат во практиката, па така Советот веќе иницираше постапка против обвинител поради јавно изнесени критики за функционирањето на Советот. Притоа, со ова коинцидира и фактот што Етичкиот кодекс со спорните одредби беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавниот обвинител против кого сега е поведена постапка пред Етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители.

Дополнително, на ова се надоврзува и фактот што дискусијата за одговорноста пред Етичкиот совет се одвиваше под точката разно од дневниот ред, со што Советот на јавните обвинители ја прифати лошата и нетранспарентна практика од вчерашната седница на Судскиот совет точките за дискусија да ги формулира исклучително лабаво за во нив да може да се опфатат и сериозни дискусии, но и носење на битни одлуки. Советот има можност да направи промена на дневниот ред за седницата пред нејзиното започнување, па оттука не е јасно зошто Советот го нема направено тоа, туку дискусијата е отворена под точката разно, бидејќи ваквото постапување е единствено во насока на намалување на транспарентноста на Советот.

Конечно, загрижува и фактот што изнесените ставови на Советот при интервјуто на претседателот на Советот се во насока дека јавниот обвинител мора да има докази за незаконско постапување од страна на член на Советот или Советот во целина за да може да изнесе јавни критики. Тука би сакале да потенцираме дека доколку јавен обвинител има докази за незаконско постапување, истиот е должен да отвори кривична постапка, а не да покрене јавна дискусија. Оттука, јавните дискусии за одредени прашања се начин како да се зајакне одговорно, отчетно и доследно постапување и почитување на стандардите за добро владеење и правна сигурност од страна на кој било орган, институција, или пак избрано или именувано лице.

Поради сѐ од наведеното, апелираме Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување, да ги прифати демократските принципи на добро владеење, да најде начин како да се справува и да се носи со јавните критики кои често се основани, како и да започне да ги извршува своите надлежности со должно внимание и свесност за далекусежните последици кои истите може да ги имаат за целокупниот правен поредок.

_________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан