• недела, 17 ноември 2024

КСЗД: Земјоделките дискриминирани, Министерството за здравство со законски измени да им овозможи платено боледување и породилно остуство

КСЗД: Земјоделките дискриминирани, Министерството за здравство со законски измени да им овозможи платено боледување и породилно остуство

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди нерамноправен третман кон земјоделките во остварувањето на правото на платено породилно отсуство, но и кон земјоделките и земјоделците во остварувањето на правото на платено боледување. 

Врз основа на утврдената дискриминација, Комисијата, како што беше речено денеска на прес-конференција, му препорачува на Министерството за здравство да изготви и иницира соодветни измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се елиминира ваквиот нееднаков третман кон регистрираните земјоделки и земјоделци.

Поддршка за законските измени даваат и пратеничките Маја Морачанин од ДОМ и Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, членки на собраниската Комсија за здравство. Ако Министерството за здравство, рече Морачанин, не работи на законското решение, тогаш тие ќе го поднесат во парламентарниот дом.

-Утврдена е системска дискриминација врз жените земјоделки поради неможноста да остварат право на платено породилно отсуство и боледување. Повеќе години се разговара за ова актуелно прашање за кое до денес нема решение. Тие немаат платено боледување, немаат право на годишен одмор и немаат платено породилно отсуство. Жените земјоделки работат од 11 до 16 часа дневно, а многу им е тешко да пристапат и ндо правото од социјална заштита, истакна Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.

Според Анастасија Муратовска која го презентираше мислењето од КСЗД, Министерството за здравство треба да ја реализира препораката од Комисијата за законските измени и дополнувања во рок од 60 дена по добивањето. Препораката е изготвена на 2 март 2023 година и во неа пишува дека ако Министерството не постапи соодветно, КСЗД ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.

-Законот за здравствено осигурување ги предвидува индивидуалните земјоделци како задолжителни здравствени осигуреници. Тие ги остваруваат правата на основни здравствени услуги, но не и правата на надоместоци, на еднаква основа со останатите осигуреници. Ова произлегува од самиот Закон и токму преку исклучување на индивидуалните земјоделци од правата на надоместоците како навидум неутраленб пропис - Законот продуцира дискриминација, оценува КСЗД.

Владата на предлог на Министерството за земјоделство донесе Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, но тоа, како што беше посочено на прес-конференцијата, е времено решение.

-Оваа Програма како ад-хок решение предвидува финансиска помош за индивидуалните земјоделки кои имаат статус на здравствени осигуренички во случај на привремена спреченост за вршење земјоделска дејност поради раѓање. Но, ако појдеме од тоа дека правото на платено породилно отсуство е осносно човеково право кое треба да биде предмет на законска регулација, ваквата Програма не е перманентно и одржливо решение. Програмата е временски и финансиски ограничена со што се продолжува незивесноста во остварувањето на платеното породилно отсуство кај жените земјоделки и се создава правна несигурност. Дури и со постоењето на оваа Програма, Законот и натаму би продуцирал дискриминација, рече Муратовска.

Во 2022 година се евидентирани 1 075 жени со стаус индивидуален земјоделец. Сите тие не можат да пристапат до правото на платено породилно отсуство. мч/нд/

фото: МИА

Остани поврзан