• четврток, 26 декември 2024

Крушево резервирано за празниците и зимската сезона

Крушево резервирано за празниците и зимската сезона

Крушево, 16 декември 2023 (МИА) - Со капацитети и подготвени ски-терени, Крушево е подготвено за новогодишните празници и за зимската сезона. Во моментов е примамлива и посакувана туристичка дестинација. Крушево има богата понуда за сите гости и туристи.

-Годинава Крушево ги урна рекордите во поглед на посетеноста и на домашните и на странските гости. Според податоците од Централниот регистер бележиме 100 отсто поголема посетеност и на странски и на домашни туристи. Градот со понудата продлжува во интенцијата да биде попримамливо и попосетено туристичко место, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Крушево на располагање има 600 категоризирани легла во приватниот сектор и околу 400 места во хотелите. За празниците годинава  на иновативен начин го украсува централното подрачје.

- Оваа година првпат вклучуваме волонтери. Крушевските ученици, заедно со ентузијасти од градот иновативно го украсуваат центарот. Градот има и организиран пречек на Новата Година. За предновогодишната забава ќе се потрудат учениците и ентузијастите, а за учеството на естрадни ѕвезди е задолжен приватниот сектор, објаснува Христоски.

За резервираноста на капацитетите потврдуваат и од крушевските хотели.

-Капацитетот на хотелот „Панорама“ е целосно исполнет, а во „Монтана“ има само околу 10 отсто слободни места. Подготвени се и ски-терените и, воопшто, целосно сме подготвени и за празниците и за претстојната туристичка сезона, рече Љубица Стефаноска, угостителски менаџер.

Инаку, Крушево интензивно работи на подобрување на инфраструктурата, што значи дека ќе привлече повеќе туристи и посетители.

- Веќе започнавме со имплементирање на реконструкцијата на патниот правец Порта до Мечкин Камен, најавуваме и реконструкција на постојниот регионален пат од Крушево до Кривогаштани, а се работи и на повеќе локални патишта што значи, Крушево ќе стане пример за реализација на капитални проекти кои значат живот за граѓаните и развој на Општината, на локалната и на регионалната економија. Тоа значи и дека се подготвуваме за Светското првенство во параглајдерство за 2025 година, вели Христоски.

Градот го решава и прашањето со водоснабдувањето.

-Веќе зафативме нови извори. Ја реконструиравме и постојната мрежа до изворите во непосредна близина на Крушево. Во наредниот период, заедно со средствата од ТАВ-програмата ќе имплементираме 16,5 милиона денари за реконструкција на една фаза од водоводната мрежа во Крушево која досега доведуваше до многу загуби за градот - 30 до 40 проценти. Оваа зима нема да има проблем со водоснабдувањето, нагласува крушевскиот градоначалник Томе Христоски. ем/вг/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан