• вторник, 20 јануари 2026

Крмов: ВМРО–ДПМНЕ бара консензус, СДСМ и ги врза рацете на опозицијата, а државата живее на кредит за кредит 

Крмов: ВМРО–ДПМНЕ бара консензус, СДСМ и ги врза рацете на опозицијата, а државата живее на кредит за кредит 

Скопје, 15 јануари 2026 

Исходот од лидерската средба, реформската агенда, позицијата на опозицијата, односите со странските партнери и новото задолжување беа теми на кои пратеникот од Левицата, Борислав Крмов, дебатира, но изнесе и остри критики и кон власта и кон опозицискиот СДСМ како поранешен носител на власта, во „24 анализа“, се вели во соопштението од Левицата, што МИА го пренесува интегрално. 

Крмов оцени дека лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, бил „пријатно изненаден од конструктивноста на средбата“ имајќи предвид дека досега од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, имало само агресивен однос кон Левицата. „Очигледно се менува ситуацијата кога на власта ѝ е потребна опозицијата, а во овој случај очигледно ѝ е потребна“, истакна Крмов. Појасни дека на средбата се разговарало за пржинската влада, реформската агенда, за која има голем број закони што бараат двотретинско мнозинство и Бадентерово гласање. „За тие закони кажавме дека ако поминат низ сите филтри, ако се одобрени од ЕУ, нема зошто да не ги гласа и опозицијата зашто се за општото добро за Република Македонија“, нагласи тој. Биле отворени и конкретни прашања, како Законот за прекршоците и за изборот на јавен правобранител, за кој, како што рече, веќе е пробиен и рокот, а рече и дека за јавен правобранител Левицата предложила да биде Ром зашто тоа реално била најдискриминираната етничка заедница. 

„Отворивме и наши теми за една изборна единица, за платеното политичко рекламирање, што не ни беше овозможено, обесштетување на родителите од Кочани, ги застапивме барањата на синдикатите за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на другите плати, укинување на патните трошоци. Ние ќе ги поддржиме законите од реформската агенда, но мора и власта да покаже добра волја зашто консензусот не е еднонасочен, тоа е двонасочно. На пример, ние имавме предлог-закон семејното насилство да се гони по службена должност и ДПМНЕ го одби за по неколку месеци да го вметне во новиот Кривичен законик, а во меѓувреме имаше четири фемициди“, заклучи Крмов.  

Во однос на можностите на опозицијата да спречи донесување штетни закони или да спречи измени на реформските закони во 5 до 12, Крмов рече дека не ги поддржуваат и не ги гласаат, но правото и можноста како опозиција да ги блокираат таквите закони се изгубени во претходниот мандат на СДСМ, кога е донесен новиот Деловник. „Нашето право и можноста ги изгубивме во моментот кога беа фрлени 4.500 амандмани на Левицата и кога бевме обвинети дека сме насилници. Сега имаме апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и врзани раце на опозицијата“, рече Крмов додавајќи дека СДСМ нема право да се жали бидејќи токму тие ги донеле измените знаејќи дека ќе одат во опозиција. 

Реплицирајќи ѝ на пратеничката Тренчевска, Крмов оцени со измените на Деловникот не добил народот, туку власта. „Велите дека сте државотворни и со измените на Деловникот добил народот. Не доби народот. Со измените на Деловникот народот доби една незауздана власт на ДПМНЕ. Ни ги зедовте инструментите како на опозиција, меѓу другото, и вашите, да можеме да ги спречиме во штетните политики. По донесувањето на овој Деловник, ние сега треба да се потпираме на добрата волја и на слухот на власта“, рече Крмов додавајќи дека Македонија практично е единствена земја во ЕУ без филибастер и со една од најнемоќните опозиции, оставена без инструменти за блокирање закони.

Осврнувајќи се на одлуката на САД за запирање на имигрантските визи кон Македонија, оцени дека тоа не е прв ладен туш од стратешките партнери. „Претходно добивме и царини иако мислевме дека ќе бидеме изземени, па имавме безрезервна поддршка за киднапирањето на претседателот Мадуро итн. Тоа е еден вазалски однос вкоренет во политиката на државава, кој го спроведуваат двете големи партии“. Според Крмов, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја спроведуваат истата политика на потчинетост. „Ако ти сам не се почитуваш, ако немаш свое јас во меѓународните односи, никој нема да те почитува“, нагласи Крмов додавајќи дека иако членството во ЕУ е стратешка определба на Левицата, тоа не тера нонстоп да веднеме глава. „Ние веднеме глава веќе 30 години. Што добивме од тоа: и Уставот го сменивме, и знамето, и името го сменивме. Што треба уште да смениме? Со овој вазалски однос, со ова со што ние се гордееме и кога нашите сратешки партнери нè шамараат, а ние веднеме глава, никаде нема да стигнеме“. 

Во делот за новото задолжување, Крмов предупреди на сериозна фискална опасност. „Секоја година враќаме речиси 1,3 милијарда долгови. Значи, секоја година враќаме. Сега со оваа милијарда, од која 700 милиони се за долгот, а другите се за тековни трошоци, значи ние секоја година враќаме кредит со кредит“, рече тој. Според Крмов, државата има потрошувачки, а не развоен буџет, со само 10 % за капитални инвестиции. „Ние сме деиндустријализирана зона, не произведуваме ништо, не произведуваме вредност, наводно сме сервис-економија, а фактички не сме ни тоа, ние живееме на кредит и со тој кредит плаќаме и тековни трошоци“, изјави тој предупредувајќи дека јавниот долг од 63 % од БДМ може да надмине 80 % со парите од Обединетото Кралство. „Ние со 63 % ја губиме контрола над буџетот, со 80 %“, рече Крмов оценувајќи дека станува збор за системска катастрофа, која се случува од 1991 година, а за која, како што заклучи, одговорност носат и двете големи политички партии, кои наизменично владеат со државата. 

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан