• среда, 25 декември 2024

Криумчари фрлиле мигранти во море во близина на грчкиот остров Самос-еден загинат

Криумчари фрлиле мигранти во море во близина на грчкиот остров Самос-еден загинат

Атина, 18 септември 2024 (МИА) – Двајца криумчари, државјани на Турција се уапсени во близина на грчкиот остров Самос по потера на крајбрежната служба на Грција, а откако претходно во море фрлиле 31 мигранти, од кои еден загинал, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека со помош на нивната камера за копнен мониторинг бил лоциран глисер со мигранти што се движел кон северозападниот брег на Самос, по што интервенирал патролен брод и со звучни и визуелни сигнали се обидел да го запре, но глисерот побегнал и следела потера при која лицето кое управувало, со опасни маневри ги ставил во опасност припадниците на крајбрежната служба.

Следеле предупредувачки истрели од патролниот брод што резултирале со запирање на глисерот и апсење на две лица.

Паралелно, на копно биле откриени 27 странски државјани кои двајцата криумчари ги фрлиле во морето пред потера, а самите успеале да стигнат до брегот на Самос и се во добра здравствена состојба.

Спасените изјавиле дека во морето останале уште неколку лица и започнала акција за пронаоѓање со учество на два глисери на грчката армија, брод на крајбрежната стража како и чамец на Грчкиот спасувачки тим од Самос.

По опсежна потрага, во морето биле пронајдени три лица и извлечено безживотното тело на еден маж.

Вкупно биле спасени 30 мигранти (15 мажи, седум жени и осум деца), уапсени се двете лица, кои управувале со глисерот и се државјани на Турција, а спасените потврдиле дека станува збор за криумчари. ср/ссм/

Остани поврзан