• четврток, 26 декември 2024

Кристијан Бејл со проект за изградба на живеалишта за деца на кои им треба згрижување

Кристијан Бејл со проект за изградба на живеалишта за деца на кои им треба згрижување

Лос Анџелес, 9 февруари 2024 (МИА) - По 16 години планирање, глумецот Кристијан Бејл заедно со сопругата Сиби Блажиќ и група политичари и пријатели од САД со кои тој дели заеднички интереси, почнува проект за изградба на 12 куќи, купување два стана и заеднички центар од 650 квадратни метри, за деца на кои им треба згрижување.

Овој проект има за цел „да ги задржи браќата и сестрите кои имаат потреба од вдомување“ - под ист покрив, соопшти здружението основано од глумецот. Ваков проект, прв во американската сојузна држава Калифорнија, би чинел 22 милиони долари и се очекува да биде завршен до 2025 година. Местото се наоѓа на 90 километри северно од Лос Анџелес - во Палмдејл каде што има 160.000 жители.

Трудот и сонот на Бејл за овој потфат се протега наназад 16 години, на неговата страст за филантропија и услуга кон својата заедница може да се проследи уште од неговото детство минато во родната Англија.

- Пораснав со татко ми кој секогаш беше многу активен алтруист, и одевме на протести... Како дете не знаев што правам, но го сакав тоа и му се восхитував на татко ми за начинот на којшто се трудеше да се грижи за другите луѓе, изјави Бејл за „Холивуд репортер“, мислејќи на неговиот починат татко Дејвид, кој подоцна бил оженет и со активистката Глорија Стајнам. - Околу нас секогаш имаше други луѓе кои немаа дом и доаѓаа и живеат во нашата куќа. Таков беше тој.

Чувството за лична одговорност кај Бејл се зголемило кога со Сиби ја добиле ќерката Емелин во 2005 година.

- Откако се роди нашата ќерка, се фатив како се обидувам да замислам како би било да нѐ нема нас. Во истовреме, минав цела ноќ гледајќи што се случува во Лос Анџелес и каде може да помогнеме. Бев зачуден и лут кога дознав дека овде имаме повеќе деца за згрижување отколку на кое било друго место во земјава. Бев и лут што не го знаев ова порано, па си помислив - тоа е тоа! Да се ​​сосредоточиме на ова! Мојата сопруга и јас одлучивме дека ќе направиме сѐ што е во наша моќ да го промениме тоа, продолжи Бејл.

За време на официјалната прослава на почетокот на пректот, беше објавен и список на лица кои дарувале пари за тоа. На него се наоѓаат агентот на Бејл - Патрик Вајтсел и оскаровецот Леонардо ди Каприо, меѓу другите.  си/ссм/

Фото: ЕПА

Остани поврзан