• недела, 24 ноември 2024

Криминална група ѝ нанела штета од пет милиони евра на грчката Национална организација за здравствени услуги  

Криминална група ѝ нанела штета од пет милиони евра на грчката Национална организација за здравствени услуги   
Атина, 2 јули 2021 (МИА) – Преку лажни рецепти за медицински материјал, криминална организација од април 2015 година вршела измами во Националната организација за здравствени услуги на Грција (ЕОПИИ) и им нанела штета на државата и на грчките осигуреници во висина од пет милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина. Грчката полиција соопшти дека ја разбила криминалната мрежа и уапсени се 13 членови на групата, меѓу кои и сметководителка и двајца лекари, а во предметот се вклучени 65 лица, од кои 54 лекари и сопственичка на дом за нега на стари лица. Началникот на Дирекцијата за финансиска полиција на Грција Димитриос Лукопулос, објасни дека била откриена вмешаност на шест компании и индивидуални бизниси на членовите на групата, но и 11 непостоечки компании кои се појавуваат како наводни добавувачи на мрежата. -Членовите на организацијата, преку лекарите систематски издавале лажни рецепти за медицински материјали (главно катетери и боци со кислород), а потоа ја измамуваа ЕОПИИ со компензација за овие рецепти. Рецептите беа или за медицински материјал без осигуреникот да биде прегледан, или препишувале медицински материјал различен од тој што бил потребен за болеста и бил компензиран по повеќекратна цена, рече Лукопулос. За време на операцијата на грчката полиција биле запленети 246.980 евра, оружје, мобилни телефони, компјутери, како и документи поврзани со случајот. ср/сд/

Остани поврзан