• сабота, 23 ноември 2024

Крилото во АА на Таравари ја поддржа неговата кандидатура за претседател и коалицијата со ЕСП и ги поништи одлуките на Села

Крилото во АА на Таравари ја поддржа неговата кандидатура за претседател и коалицијата со ЕСП и ги поништи одлуките на Села

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Крилото од Алијансата за Албанците на лидерот Арбен Таравари на вонреден конгрес вечерва во Скопје ги потврди одлуките за кандидатурата на Таравари за претседател на државата и за коалицирање со Европскиот сојуз за промени (ЕСП).

Како што информираше портпаролот на АА, Блерант Рамадани, од вкупно 739 делегати на републичко ниво, на конгресот учествувале 421 делегат при што биле едногласно донесени неколку одлуки.

-На овој вонреден конгрес имаше три главни точки. Како прво усовјување на кандидатурата на претседателот на партијата за кандидат на претседател на  државата на нашиот претседател на партијата Арбен Таравари. Укинување на одлуките на Собранието на партијата кое се одржа на 10 февруари 2024 година. И на крај измени и дополнување на статутот. Трите точки беа изгласани со 421 глас, освен првата точка која што беше изгласана со 420 гласови, само еден беше воздржан, изјави Рамадани.

Прашан што со конгресот на поранешниот претседател на партијата и претседател на Собранието на партијата Зијадин Села, Рамадани вели дека со оглед на фактот оти вечерва на Конгресот присуствувале 421 од вкупно 739 делегати, останува да се види колку делегати ќе имаат тие на, вели, т.н конгрес.

-Сметам дека в недела нема да имаат повеќе од 30 отсто од делегатите. Така што, не верувам дека може да донесат некоја легитимна одлука, посочува партискиот портпарол. 

За тоа како ќе се надмине поделбата во партијата, Рамадани е дециден дека нема поделби во Алијанса за Албанците.

-Во партијата нема поделба. Имаме мнозинство во Собрание, имаме мнозинство во централно раководство, имаме мнозинство во Конгресот. Не гледам поделба. Може да има луѓе коишто различно размислуваат, но партијата е отворена за сите членови, нагласува Рамадани.

Во соопштението објавено од АА по конгресот,  се посочува и дека биле поништени одлуките на, како што се наведува, нелегитимниот состанок на Партиското собрание, одржано на 10 февруари 2024 година. Тие одлуки, стои во соопштението, биле окарактеризирани со бројни статутарни прекршувања, манипулации и веќе докажани фалсификати, за кои денеска Алијансата за Албанците најави поднесување кривични пријави против сторителите.

Била усвоена и измената на Статутот на АА, со која се укинуваат статутарните измени одобрени на Третиот вонреден конгрес одржан на 24 декември 2022 година и се враќа прелиминарната верзија на статутот, усвоена на 27 март 2022 година на Вториот партиски конгрес, со цел отстранување на дисфункционалностите во партиското одлучување.

- Една од непосредните импликации на овие промени е укинувањето на функцијата претседател на Собранието и на овластувањата на телото однапред познато како тесно Претседателство на партијата, стои во соопштението.

Таравари, се наведува, се заблагодарил на делегатите за едногласната поддршка и истакнал дека промената е веќе започната и оти Алијансата за Албанците ќе води позитивна кампања, отворајќи ги вратите за сите оние кои ја посакуваат долгоочекуваната промена.

Лидерот на партијата Таравари во изјава за медиумите пред почетокот на Конгресот  прашан што мисли за конгресот на поранешниот претседател на партијата Села, закажан за во недела, посочи дека „ова е легитимниот конгрес“.  Според него, за да се свика собрание потребни се две третини од делегатите, а Села немал ниту половина од нив. За тоа кого посакува за противкандидат од редовите на ДУИ, Таравари вели дека би сакал тоа да е претседателот на ДУИ Али Ахмети.

-Јас би го посакал Али Ахмети, но ќе ги почитувам и другите кандидати кои имаат поддршка од своите партии, истакна Таравари.

Тој вчера ја објави својата кандидатура за претседател на државата со поддршка од ЕСП што го сочинуваат партиите од албанскиот опозициски блок - Алтернатива, Беса и Демократско движење.

Четвртиот вонреден конгрес на АА се одржа два дена пред конгресот што го закажа Села, а на кој, како што е најавено, ќе се бара одговорност и разрешување на Таравари поради неговата одлука да влезе во коалиција со Европскиот сојуз за промени. вг/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан