• четврток, 26 декември 2024

Кризен штаб на Неготино бара вклучување на војници на АРМ во гаснењето на пожарот на планината Серта

Кризен штаб на Неготино бара вклучување на војници на АРМ во гаснењето на пожарот на планината Серта

Неготино, 13 јули 2024 (МИА) - Кризниот штаб на Неготино побара од Министерството за одбрана вклучување на војници на АРМ во гаснењето на пожарот на планината Серта, покрај постојните сили што веќе неколку денови го гаснат пожарот од земја, се вели во известувањето од неготинскиот градоначалник Горан Стојанов. 

Тој информира дека од утрово, пожарот на Серта се гасне со воен хеликоптер и два авиона за гаснење пожари.  

-Врз основа на дописот од Кризниот штаб на Oпштина Неготино, за поддршка од надлежните институции за вклучување во гаснењето на пожарот на планината Серта и остварената комуникација со одговорните лица, од утрово во гаснењето на пожарот се вклучени еден воен хеликоптер и два авиона што од воздух со испуштање количини вода, прават напори пожарот да биде изгаснат, соопштува Стојанов. 

Кризниот штаб на Општина Неготино упати молба за помош до граѓаните и фирмите, сопственици на багери, булдожери и моторни пили, кои и знаат да управуваат со истите, доколку се во можност, да покажат добра волја и да се вклучат во гаснењето на пожарот на планината Серта кај селото Калањево.

-Сите заинтересирани, кои ќе се упатат кон Калањево, ги информираме дека на патот ќе бидат пресретнати од полициска патрола на МВР, што е на местото на настанот, чии припадници ќе им дадат насоки во кој правец да се движат и на кои локации е потребен нивен ангажман, велат од Кризниот штаб. 

Од Кризниот штаб на Општина Неготино апелираат до граѓаните за почитување на мерките и препораките дадени изминатите денови од кога е и активен пожарот на Серта.

Пожарот избувна во средата околу 10:30 часот. свд/фф/

Фото: Фејсбук на Горан Стојанов 

Остани поврзан