• четврток, 26 декември 2024

Кризата на автомобилската индустрија како „вековна шанса“ за производителите на делови од Балканот

Кризата на автомобилската индустрија како „вековна шанса“ за производителите на делови од Балканот
28 април 2022 Ал Џезира Автомобилската индустрија во светот се наоѓа во нов бран проблеми. Само што помина кризата, предизвикана од пандемијата и пазарот полека почна да закрепнува, следуваше нова, според зборовите на експертите, уште потешка криза, предизвикана од руската инвазија на Украина и санкциите против Русија. Од предпандемиската 2019 година, продажбата на нови автомобили е преполовена, па во Хрватска, бројот на нови автомобили од речиси 63.000, падна на 36.000 во 2020 година, за лани малку да закрепне, регистрирајќи 43.000 продадени нови автомобили. Ако констатираме дека украинската криза „само што започна“ и дека сè уште на пазарот има возила од залиха, податоците за пад на продажбата од седум отсто за март годинава, во однос на минатиот март, предупредуваат. Слична е ситуацијата и во Србија. По коронавирусот, пазарот почна да закрепнува. Републичкиот завод за статистика и податоците што ги има, нудеа охрабрување: „Бројот на мотоцкли првпат регистрирани во 2021 година во Република Србија, во однос на претходната година, зголемен е за 20,2 отсто, на патнички автомобили за 39,1, на автобуси за пет, на камиони за 10,9 отсто, на приклучни возила за осум и на работни возила за 7,7 проценти. Кај возилата произведени оваа година, се забележува пад на бројот на регистрирани мопеди за 10,4 отсто“. Во Босна и Херцеговина, за време на 2021 година, според податоците на Управата за индиректно оданочување, продадени се 7.424 нови возила, а увезени се и 47.398 половни автомобили. Војната во Украина само ја влоши ситуацијата Загриженоста за достигнување на бројките од минатите години, расте во сите земји од регионот, како што загрижува и квалитетот на увезените половни автомобили. Причината се деловите. Пред три години, на светскиот пазар пласирани се околу 80 милиони нови возила. Во 2020 година продажбата падна за над 14 отсто, на 68,6 милиони. Согласно со реализираните прогнози, во 2021 година автомобилската индустрија доживеа бавен пораст на продажбата на 70,5 милиони, односно за 2,77 отсто, но и понатаму за близу 11,87 проценти е помала во однос на предпандемиската 2019 година. За тековната година беше предвиден мал скок на некои 75,2 милиони продадени единици, а потоа се предвидуваше дека ни во 2023 нема да има успех, кога станува збор за достигнување на предкризното ниво. Дури во 2025 година може да се очекува враќање на бројките што ја опишаа автомобилската индустрија во времето пред коронавирусот. Ова беа претпоставки ако пандемијата се стави под контрола и да нема никакви други пореметувања на пазарот. Короната предизвика преуредување на автомобилскиот пазар на глобално ниво, па за првпат во Индија се продадени повеќе автомобили, отколку во Германија. Со оглед на конфликтот меѓу Украина и Русија, се очекува овој тренд да продолжи. Полупроводниците и застојот во производството и во дистрибуцијата на оваа компонента, беа најголемиот проблем за време на корона кризата. Но, во еден автомобил од средна класа, има меѓу шест и осум илјади делови. Германските производители - БМВ (BMW), Порше и Фолксваген, ги набавуваат потребните делови и суровини за производство на автомобили, од Украина, која е погодена од војната. Истовремено, тие се потпираат на титаниум, железо и на паладиум од Русија. Украина е трет најголем светски производител на никел и алуминиум, неопходно за акумулатори и компоненти на електричните возила. Покрај тоа, произведува и 70 отсто од светските потреби за неонски гас, неопходен за микрочипови што се веќе дефицитарни. Добра прилика за балканските компании Во таквата состојба на глобалниот пазар, автомобилската индустрија на Западен Балкан гледа свои шанси. Се отвораат можности, што претходно ги немаше. - Автомобилската индустрија во Европа се сврти кон добавувачите поблиску до Европската Унија и тоа се покажа како клучна шанса за нашите компании, смета Армин Хоџиќ, раководител на Групацијата за автомобилска индустрија при Стопанската комора на Федерацијата БиХ. Тоа што веќе се гледа е дека компании од Босна и Херцеговина добиваат многу повеќе барања за понуди во однос на предпандемискиот период. Токму тој факт, доколку се искористи на вистински начин, претставува компаративна предност, за автомобилската индустрија на Босна и Херцеговина подобро да се позиционира во синџите на снабдување на европските производители. - Шансата што мора да се искористи, доблестите што ја красат автомобилската индустрија на Босна и Херцеговина, се традицијата на индустриското производство, клиентите на компонентите и делови произведени во Босна и Херцеговина, меѓу кои се најсилните светски земји како што се СР Германија (23 отсто), Словенија (12), Австрија (10), Италија (девет), Чешка Република (пет отсто)... компаниите што поседуваат неопходни сертификати за работење во овој домен, стратешка локација за европските, северноафричките и пазари од Блискиот Исток, поволни трговски и други договори како што се ЦЕФТА, ЕФТА, Договор за слободна трговија со Турција, повластен трговски договор со 27 земји од ЕУ, стабилен финансиски и поволен даночен систем и уште многу други позитивни карактеристики, нагласува Хоџиќ. Промените во автомобилската индустрија не се едноставни и моментални, па процесите на формирање нови синџири на производители и добавувачи, траат определено време. Компаниите од регионот имаат прилика да ги воочат своите шанси и да одговорат на моменталните предизвици. Најважно е да се сочуваат работниците во фабриките. - На почетокот на минатата година, дојде до стабилизација на пазарот за автомобили и производството течеше како вообичаено, но, имаше прекин во март, поради кризата од недостаток на полупроводници. Имаше недостиг затоа што производителите на автомобили прогнозираа помала побарувачка со почетокот на корона кризата, па затоа, нарачаа помал број чипови. Производителите на полупроводници тоа успешно им го продадоа на други индустриски гранки. По брзата стабилизација и побарувачката за нови возила, големите играчи беа затекнати и неподготвени. Периодот на чекање за ново возило се зголеми од три месеци пред пандемијата, на шест, до девет месеци колку што изнесува сега, тврди Александар Шаренац од Автомобилскиот кластер на Србија. Тој напоменува дека двојната кризата во 2021 година ги намали нарачките на делови за добавувачите и до една третина, а значителен број, пред сè помали фабрики, беа принудени да го намалат своето производство од три на две смени. - Од друга страна, токму таа криза ја зголеми брзината на трансферот на нови производи од Европската Унија во Србија, така што нашите членови забрзано работат на зголемување на флексибилноста и се движат кон производство на поголем спектар делови, во помали серии. Моментално, од средината на првиот квартал од 2022 година, дојде до стабилизација на пазарот за полупроводници и нарачките растат од месец во месец. Војната во Украина досега не влијаеше значајно на српските добавувачи на автомобилски делови и нивните купувачи. Тоа значи дека во овој момент, нашите добавувачи во автомобилската индустрија не ја чувствуваат кризата и работат со полна пареа, изјави Шаренац. Сепак, недостигот од доволни количини челик веќе се забележува и компаниите што се потпираат на оваа суровина се соочуваат со неможност за набавка на доволни количини, без оглед на тоа што и цените се значајно повисоки во последно време. - Тоа што ги погодува компаниите од БиХ е близината и брзината на испораката, па затоа намаленото производство на возила се компензира со поголеми барања за понуди, односно барања за производство. Ова првенствено се однесува на компании што имаат суровини и чиј бизнис не е загрозен. Стопанската комора на Федерацијата БиХ заедно со претставници на автомобилската индустрија од Босна и Херцеговина, неодамна учествуваше на саем за автомобилска индустрија во Полска. Таму, потврдени се фактите дека Полска бара нови добавувачи на материјал и услуга, но и купувачи на своите производи, склопови и компоненти, појасни Хоџиќ. Останува проблемот со квалитетот на поволните возила и адекватни делови за нив, зголемувањето на нивните цени на пазарот од 15 отсто, како и испораката на нови автомобили што не се наоѓаат во автомобилски салони, а се чекаат од три до девет месеци, ако не и подолго. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан