• сабота, 23 ноември 2024

Кривични пријави за „перење пари“ и „приредување игри на среќа без лиценца”

Кривични пријави за „перење пари“ и „приредување игри на среќа без лиценца”

Скопје, 25 септември 2024 (МИА) - МВР информира дека Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против правно лице од Стар Дојран и К.К.(72) од Скопје, сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „перење пари и други приноси од казниво дело” по член 273 и „приредување игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ по член 156 од Закон за игрите на среќа и за забавните игри.

Кривична пријава е поднесена и против К.А.(57) од Дојран, М.К.(62) од Дојран и Ф.П.(51) од Скопје, сите вработени во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело” по член 273 во врска со член 22 „соизвршителство“ од Кривичниот законик.

Според МВР, од 01.01.2017 до 17.04.2019, сопственикот К.К. во просториите на друштвото организирал приредување на игри на среќа без да поседува лиценца, односно дозвола од надлежен орган, со што противправно се стекнал со парична имотна корист на својата лична сметка. На оваа сметка и пријавените К.А., М.К. и Ф.П. извршиле уплати во вкупен износ од 102.810.613 денари или 1.671.717 евра. Со ваквото дејствие тие го сториле кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Имено, паричните средства кои биле стекнати од приредувањето на игрите на среќа без лиценца ги пуштиле во легален платен промет, уплатувајќи ги на сметката на пријавениот К.К., кој понатаму ги трансферирал како позајмици кон пријавеното правно лице, кое во најголем дел ги користело за враќање на хипотекарен кредит кон една банка, како и за тековно работење. мч/сст/

фото: МИА архива

Остани поврзан