• сабота, 16 ноември 2024

Кривична пријава против едно лице за предизвикување опасност за животот и здравјето на луѓето – инспектори го затекнале како исфрла големи количини отпад на територијата на Карпош

Кривична пријава против едно лице за предизвикување опасност за животот и здравјето на луѓето – инспектори го затекнале како исфрла големи количини отпад на територијата на Карпош

Скопје, 13 октомври 2024 (МИА) – Инспектори за животна средина на Град Скопје, денеска, затекнале жител на Општина Бутел како исфрла големи количини отпад на територијата на општина Карпош кон Визбегово, соопштија од Град Скопје.

Во соопштението наведуваат дека против лицето З.М. ќе биде поднесена кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело кое што е казниво со затвор од четири до десет години.

– Инспекторите за животна средина на Град Скопје пред еден час затекнаа и евидентираа во тек на исфрлање големи количини отпад, правење дива депонија и нејзино палење на територијата на општина Карпош кон Визбегово. Град Скопје за извршено кривично дело од страна на лицeто З.М жител на општина Бутел, согласно членот 218 на Кривичниот законик, ќе поднесе кривична пријава за предизвикување значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата и почвата, односно опасност за животот и здравјето на луѓето, дело казниво со затвор од четири до десет години, стои во соопштението.

Од Град Скопје велат дека на територијата на Скопје има вкупно 14 институции кои што имаат надлежност и обврска да постапуваат во вакви ситуации, нагласувајќи дека за време на викендот инспекторите за животна средина на Град Скопје, како и комуналните инспектори имаат санкционирано над 20 сторители.

– Досега единствено Град Скопје реагира, додека останатите не постапуваат, иако за истото имаат законска обврска. За време на викендот инспекторите за животна средина на Град Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано над 20 сторители, наведуваат во соопштението.

Додаваат дека годинава имаат поднесено повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад.

Како пример од Градот го посочуваат случајот во општина Бутел, каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што, велат, се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани.

– Град Скопје годинава поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање на опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад како случајот во општина Бутел каде затекнати лица истураа неколку тони отпад меѓу кои и опасен канцероген отпад во зелен појас со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани. Апелираме до Владата на овој проблем да му пристапи сериозно, да реагира на пријавите на Град Скопје за поажурно контролирање на нелегалното исфрлање на отпад низ градот што е казниво и според Кривичниот законик на Р. Македонија, но и едновремено да ги ангажира и останатите надлежни институции, да започнат да постапуваат за детекција и санкционирање на сторителите, наведуваат во соопштението. ра/нд/

Фото: Град Скопје

 

Остани поврзан