• четврток, 26 декември 2024

Кривична пријава против еден и дисциплински постапки против тројца полициски службеници

Кривична пријава против еден и дисциплински постапки против тројца полициски службеници

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против Д.П., полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот законик и пријава за констатиран прекршок по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против Н.Д., исто така, полициски службеник во Полициската станица за гранични проверки и граничен премин Деве Баир.

Како што соопшти МВР, на 4 ноември минатата година во казино во Куманово, пријавениот Д.П. физички нападнал лице вработено како обезбедување во казиното и агресивно се однесувал кон полициски службеници од Полициската станица Куманово, кои извршувале службени дејствија. Н.Д., кој бил заедно со Д.П., го нарушил јавниот ред и мир и агресивно се однесувал кон обезбедувањето.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против двајцата полициски службеници поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 од Колективниот договор на МВР. Додека за Д.П. изречена е мерка за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка, се наведува во соопштението.

Од МВР посочуваат дека при преземање мерки за расчистување на случајот било констатирано дека при интервенцијата, Д.К. и Ф.М., двајцата полициски службеници од Полициската станица Куманово, не ги преземале сите потребни службени дејствија против лице од обезбедувањето во казиното и не изготвиле поднесок против него. И против нив Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност по член 210 од Колективниот договор на МВР. дма/са/

Фото/видео: МВР

Остани поврзан