• среда, 25 декември 2024

Кривична пријава за полициски службеник за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје

Кривична пријава за полициски службеник за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје поднел кривична пријава против полицискиот службеник З.Ц. и против правно лице – агенција за обезбедување, на која тој е сопственик и управител, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, казниво по член 396 од кривичниот законик, соопштија денеска од МВР.

Исто така, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел предлог за поведување на постапка за потешко кршење на работниот ред и дисциплина по член 210 од Колективниот договор и согласно член 214 од Колективниот договор на МВР, стои во соопштението, донесено е решение за отстранување на З.Ц. од работното место до  донесување на решение во дисциплинската постапка.

- Имено, на 26.12.2023, со судска наредба, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Скопје извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле две ловечки пушки „Црвена застава“, ловечка пушка „Бенели арми“, ловечки карабин „Бровинг“, ловечка пушка „Берета“, четири кутии со барут, четири кутии со сачми, алат за изработување ловечки патрони, 36 куршуми различен калибар и 22 ловечки патрони. Додека, при претрес во просториите кои ги користи неговото правно лице, биле пронајдени и одземени пиштол „чешка зброевка“, пушка „Крико“ и пушка „Берета“, појаснуваат од МВР.

Со ваквите дејствија, полицискиот службеник З.Ц. постапил спротивно и на член 16 од Етичкиот кодекс за однесување на работниците во МВР, според кој работниците не треба да ги вршат дејностите кои се во судир со внатрешните, односно полициските работи – работа како управител во правно лице и дејности поврзани со оружје и експлозивни материи. цр/лв/

Фото:  МИА архива

 

Остани поврзан