Кривична пријава за неколку полициски службеници за злоупотреба на службената положба и овластувања и измама во службата
- Министерството за внатрешни работи денеска информира дека до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција е поднесена кривична пријава против неколку полициски службеници.
Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Министерството за внатрешни работи денеска информира дека до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција е поднесена кривична пријава против неколку полициски службеници. Тоа се А.А., на работно место во ПС од ОН Гази Баба, А.А. на работно место во ПО Арачиново, Б.Џ., на работно место во ПО Арачиново и В.С., на работно место во ПО Арачиново при СВР Скопје за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и за едно кривично дело „измама во службата“ против полицискиот службеник Б.М., на работно место во ПС од ОН Гази Баба при СВР Скопје.
Првопријавениот, како заменик-командир на ПС од ОН Гази Баба ја злоупотребил службената положба и овластување.
-Тој како раководител со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализираните часови на вработените во Министерството за внатрешни работи на 12 полициски службеници-вработени во ПС од ОН Гази Баба им овозможил да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 439.368 денари, во кој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи, се вели во соопштението.
Второпријавениот, како командир на ПО Арачиново, третопријавениот како инспектор во ПО Арачиново и четвртопријавениот како инспектор во ПО Арачиново со несоодветно водење на евиденција за распоред на работа, спротивно на подзаконски пропис со кој се пропишува начинот на евидентирање на реализирани часови на вработените во МВР, ја злоупотребиле службената положба и овластување. Тие на седум полициски службеници вработени во ПО Арачиново им овозможиле да се стекнат со право за исплата на бонус плата во 2023 година и без да ги исполнат условите утврдени со Законот за работните односи на секој поединечно им била исплатена бонус плата во износ од 36.614 денари или вкупно 256.928 денари, во кој износ го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи.
Петтопријавениот како вработен во ПС од ОН Гази Баба, како службено лице со намера за себе да прибави противправна имотна корист, поднел своерачно потпишана изјава со лажна содржина. Изјавил дека има остварено повеќе од 150 часа прекувремена работа и немал повеќе од 21 ден отсуство од работа во текот на 2023 година, по што му било изготвено решение за утврдено право за исплата на бонус плата во висина од една просечна нето плата во износ од 36.614 денари без да ги исполни предвидените услови утврдени со закон, со што го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи.
- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против именуваните полициски службеници ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување на работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка, се вели во соопштението од МВР. мд/сст/
Фото: МИА архива