• среда, 18 декември 2024

Кривична пријава за лице за приклучување на руската војска за паричен надомест

Кривична пријава за лице за приклучување на руската војска за паричен надомест

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам во соработка со Агенцијата за национална безбедност реализираше случај и вчера (29.11.) до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ј.К. македонски државјанин, за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации” (член 322-а ст.3 в.в член 19) од КЗ. Ј/К. според сознанијата на полицијата, заминал во Москва за да и се приклучи на руската војска, но на 11 октомври се вратил во земјата. 

Кривичнопријавениот, откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со НН машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на Руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување  на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 5 октомври годинава од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерација.

По добиено сознание дека Ј.К на 11 октомври ќе се врати во РСМ, преземени се оперативно тактички мерки и по негово пристигнување на Меѓународен аеродром Скопје извршен е разговор со него, во кој го појаснил начинот на кој заминал во Руската Федерација каде што престојувал една недела во обид да се вработи како војник во Руската војска. Откако пристигнал во Москва бил сместeн заедно со уште три лица странски државјани и при тоа бил известен дека треба да го даде пасошот за да биде средена документацијата, а по извршен медицински преглед ќе потпишел договор за работа во Руската војска и ќе бил однесен во камп за обука каде ќе се обучувал за борба во Украина.

Во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК од кривично пријавениот одземени се повеќе предмети и документација врз кои е извршено форензичко вештачење и анализа.

Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка, на 29.11.2024 година извршен е претрес во дом и други простории кај лицето Ј.К, кој е лишен од слобода и изнесен пред Судија на претходна постапка, од чија страна му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена. ев/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан