• сабота, 06 декември 2025

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба против поранешен директор на јавно претпријатие од Струмица и управител на правно лице

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба против поранешен директор на јавно претпријатие од Струмица и управител на правно лице

Струмица, 30 април 2025 (МИА) - СВР Струмица до ОЈО Струмица вчера поднел кривична пријава против З.Г. (56) од Струмица, поранешен директор на јавно комунално претпријатие од Струмица поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 и против Е.Н.(42), управител на правно лице од Струмица за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 4, а во врска со чл.22 од КЗ - „соизвршителство“. 

Како што се наведува во соопштението на МВР, првопријавениот З.Г., извршувајќи ја функцијата директор на јавно комунално претпријатие од Струмица во текот на 2022 година, злоупотребувајќи и искористувајќи  ја својата службена положба склучил договор за период од 10 години за закуп на деловен простор лоциран во Градската капела на Градските гробишта во Струмица со пријавената Е.Н. како управител на правното лице од Струмица, со закупнина од 14.200 денари со ДДВ месечно или вкупно 170.400 денари за една година. 

-Во 2023 година пријавените З.Г. и Е.Н.  со умисла извршиле и второ временски поврзано дејствие, односно потпишале уште еден ист договор за закуп за период од 10 години и покрај тоа што претходниот договор од 2022 година бил во важност, за кое нешто од страна на Е.Н. како управител веднаш е извршена уплата за закупнина во вкупен износ од 1.704.000 денари, се  наведува во соопштението.

Според полицијата, утврдено е дека З.Г. во текот на 2022 година и 2023 година и овозможил на Е.Н. како управител на правното лице од Струмица да врши дејност во објект кој согласно Законот за гробишта и погребални услуги не смеел да се издава на трети лица и со тоа овозможил јавното комунално претпријатие противправно да се стекне со 1.874.400 денари. рт/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан