• сабота, 23 ноември 2024

Крива Паланка по четврти пат домаќин на францускиот караван "Ероп ред"

Крива Паланка по четврти пат домаќин на францускиот караван

Крива Паланка, 15 август 2024 (МИА) - Над 610 Французи со 190 автомобили попладнево ќе пристигнат во Крива Паланка, како единствен град - домаќин на "Ероп ред" (Europ’Raid), првата авантуристичка обиколка со автомобили „Пежо 205“ низ 20 земји во Европа.

Годинава по деветти пат караванот во име на меѓународната солидарност на 3 август тргна од Париз, носејќи училишна и спортска опрема што организаторите ја донираат на училишта во Босна и Херцеговина, Бугарија, Албанија и во Северна Македонија. 

-Поминувајќи 8.000 километри за 22 дена, секоја екипа има мисија да обезбеди 70 килограми училишна или спортска опрема: училишни ранци, прибор, тетратки, топки, разни друштвени игри, сликовници и книги на француски јазик, спортска облека, обувки, наменети за младите франкофони од овие држави, со цел да ги поттикнат и мотивираат да го изучуваат францускиот јазик. Во рамки на караванот, Крива Паланка четврти пат ќе биде единствен македонски град-домаќин на оваа организација млади авантуристи кои патуваат и се запознаваат со природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на 20 европски земји, информираат од општина Крива Паланка.

По повод нивното пристигнување, попладнево  во училишниот двор на ООУ „Св. Јоаким Крчовски“ ќе се одржи франкофонски музички хепенинг, збогатен со македонски фолклор, во знак на запознавање на македонската култура и традиција, а подоцна, во 21 часот, гостите ќе имаат можност да проследат културно-уметничка програма на градскиот плоштад, концерт на "Bad ass all".

Организацијата на Еуроп Ред во соработка со Амбасадата на Франција, ја одбра Крива Паланка за македонски град домаќин поради добро познатите активности во областа на франкофонијата. Во рамки на овие активности, ќе присуствуваат делегација од Амбасадата на Франција, од Францускиот институт во Скопје, како и од повеќе франкофонски здруженија и организации. ид/вг/

Фото: Плакат

 

 

Остани поврзан