• сабота, 23 ноември 2024

Крива Паланка и Менемен, Турција отпочнаа постапка за збратимување 

Крива Паланка и Менемен, Турција отпочнаа постапка за збратимување 

Крива Паланка, 19 мај 2024 (МИА) - Како прва збратимена општина во историјата на турскиот град Менемен, Општина Крива Паланка наскоро ќе биде побогата за уште една збратимена општина. Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со делегација од општината и со Фатон Хасани, национален координатор за дијаспората на Република Северна Македонија и градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски, се во официјална посета на неколку турски градови, меѓу кои и на Менемен, на покана на градоначалникот Ајдин Пехливан. 

-Токму Општина Крива Паланка ќе биде првата збратимена општина на Менемен, а постапката за збратимување е веќе отпочната и наскоро ќе се официјализира при нивната посета на нашиот град. Инаку, она што ми е посебно драго е што во Менемен бевме пречекани со македонска музика, а покрај во општината, присуствувавме и на низа свечености во градот кој станува член на нашето големо семејство збратимени и пријателски градови, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во рамки на неколкудневната посета на Турција, по повод прославувањето на 19 Мај и свеченостите посветени на националните турски херои и Мустафа Кемал Ататурк, покрај во Менемен, Митовски, заедно Асани и Стојановски, остварија официјална посета на неколку турски градови, кадешто наидоа на одличен пречек.

Делегацијата гостуваше кај градоначалниците на град Измир, Џемил Тугеј, на Општина Чили, збратимена општина на Чашка, Онур Емрах Јилдиз и на Општина Тургутлу, Четин Акин.

-Новите пријателства отвораат нови можности и перспективи за соработка во иднина.Меѓународната соработка отвора врати за нови проекти и трајни вредности меѓу нашите два пријателски народи, додава Митовски. ид/сст/

 

 

 

 

 
 

 

 

Остани поврзан