• четврток, 26 декември 2024

Крешник Ахмети: Косово успешно го помина првиот чекор кон членство во Советот на Европа

Крешник Ахмети: Косово успешно го помина првиот чекор кон членство во Советот на Европа

Приштина, 26 март 2024 (МИА) – Заменик министерот за надворешни работи на Косово, Крешник Ахмети објави дека Косово успешно го поминало денешното гласање во Комитетот на Парламентарното собрание во Советот на Европа, што воедно е и прв чекор во процесот за членство на Косово во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на неговата страницана, Ахмети информира дека попладнево мислењето на известувачката за процесот на апликацијата на Косово во СЕ, Дора Бакојани е одобрено од Комитетот за политички прашања и демократија на Советот.

Ова мислење, според косовскиот заменик министер за надворешни работи, препорачува членство на Косово во Советот на Европа без никакви дополнителни предуслови.

„Ниту една од обврските што Косово мора да ги преземе не се бара да се исполни пред членството. Дури, во точката 11 е јасно наведено дека заложбите треба да се решат по зачленувањето. Сите предлози за поставување нови предуслови се отфрлени од мнозинството членови на Комитетот, што покажува дека Косово треба да стане членка во мај годинава и новите предуслови би биле неправедни“, напиша Ахмети.

Тој најавува дека, „покрај тоа, мислењето бара отстранување на фуснотата од деноминацијата Косово, која се користи од 2008 година во секој извештај и комуникација за и со Косово“. Исто така, нагласува тој, „се препорачува Косово да биде покането како држава (state), според член 4 од Статутот на Советот на Европа, а не како земја (country), според член 5“.

– Денешниот успех го отвора патот за гласање на мислењето на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа што ќе се одржи во Стразбур на 15 април. По успешното гласање таму, мислењето ќе биде испратено до Комитетот на министри, кој треба да гласа за членство на Косово на следниот министерски состанок што ќе се одржи во мај годинава. Текстот на мислењето и денешниот успех се резултат на незапирливата работа на сите косовски институции и тесната координација со меѓународните партнери, рече Ахмети.

Членството на Косово во Советот на Европа, наведува заменик-шефот на косовската дипломатија, „ќе има извонредно влијание врз унапредувањето и заштитата на правата на сите заедници во земјата“. иа/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан