• сабота, 23 ноември 2024

Кремљ: Сопственикот на Телеграм треба да биде повнимателен

Кремљ: Сопственикот на Телеграм треба да биде повнимателен

Москва, 28 март 2024 (МИА) – Кремљ го предупреди сопственикот на Телеграм, Павел Дуров, да биде повнимателен откако се појавија информации дека апликацијата била користена за да се помогне во регрутирањето на вооружените лица, кои го извршија нападот на концертната сала во близина на Москва.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за блокирање на апликацијата, но оти Дуров треба да биде повнимателен.

- Ќе очекуваме зголемено внимание од Павел Дуров, бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошка гледна точка, кој всушност растеше пред нашите очи, сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, користена за терористички цели, посочи Песков.

Руската државната новинска агенција РИА Новости објави дека напаѓачите биле регрутирани преку радикален канал на Телеграм, кој припаѓа на групата Исламска држава - Хорасан.

Во текот на изминатите 2 дена, рускиот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ го ограничи пристапот до 11 канали на Телеграм поради „содржини поврзани со тероризам“.

Го забрзавме откривањето и верификацијата на каналите на Телеграм. Поконкретно, регистрираме создавање на канали, кои наводно известуваат за нови терористички напади. Тие се создадени со цел да се заплаши населението. Во изминатите два дена ограничен е пристап до 11 такви канали, се наведува во соопштението на „Роскомнадзор“.

Телеграм, основан од Дуров, е со седиште во Дубаи. Дуров (39) ја напушти Русија во 2014 година и живее во Дубаи, има двојно државјанство на Франција и Обединетите Арапски Емирати. Форбс го проценува богатството на Дуров на 15,5 милијарди долари. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан