• четврток, 26 декември 2024

Кремљ: САД може да ја искомплицираат изградбата на Северен поток 2, но не и да ја спречат

Кремљ: САД може да ја искомплицираат изградбата на Северен поток 2, но не и да ја спречат

Москва, 24 декември 2020 (МИА) - Најавените нови ограничувања на САД во врска со гасоводот „Северен поток 2“ може да го искомплицираат завршувањето на неговата изградба, но Русија и нејзините партнери имаат намера да го завршат проектот, објави денеска Кремљ.
Претходно тројца официјални претставници изјавија дека Кабинетот на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп подготвува нова рунда санкции што може да му нанесат последен удар на проектот за гасоводот „Северен поток 2“.
„Имавме удар по удар во низа, а сега нашата единствена цел е срцето на проектот“, рече еден од претставниците.
Русија овој месец ја продолжи изградбата на гасоводот вреден 9,5 милијарди евра, по пауза од една година, предизвикана од санкциите на САД. Проектот е 90 проценти завршен.
Работите неодамна се фокусираа на поставување цевки на потег од 2,6 километри во плитките води на ексклузивната економска зона на Германија. Повеќето од преостанатите 100 километри од недовршената траса се наоѓаат во длабоките води покрај Данска.
Вашингтон тврди дека проектот ќе ја загрози европската енергетска безбедност, а Москва посочува дека американските санкции се „нелојална конкуренција“ и треба да им помогнат на американските производители на течен природен гас. паг/
 
     

Остани поврзан