• среда, 25 декември 2024

Кремљ: Односите со Анкара ќе се продлабочат без разлика кој е претседател

Кремљ: Односите со Анкара ќе се продлабочат без разлика кој е претседател

Москва, 15 мај 2023 (МИА) - Кремљ денеска соопшти дека односите меѓу Москва и Анкара ќе продолжат да се „продлабочуваат“ без разлика кој ќе победи во вториот круг од претседателските избори во Турција.

- Со големо внимание и интерес ги следиме информациите што доаѓаат од Турција. Ќе го почитуваме изборот на турскиот народ. Но, во секој случај, очекуваме нашата соработка да продолжи, продлабочи и да се развива, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Според него, Русија и Турција имаат взаемно корисна соработка во енергетиката, туризмот, трговијата, земјоделството и воздушниот транспорт.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој е на власт од 2003 година, не успеа да победи во првиот круг од изборите. Вториот круг е планиран за 28 мај, во кој за шеф на државата ќе се борат Ердоган и неговиот главен противник Кемал Киличдароглу.

Историски комплицираните односи меѓу Турција и Русија се зајакнаа во последните години, под поттик на Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин.

Киличдароглу минатата недела ја обвини Русија за мешање во предизборната кампања, обвинувајќи ја дека стои зад објавувањето на изменети слики што поттикнаа еден опозициски кандидат да се повлече од трката. ссм/

фото: архива

Остани поврзан