• недела, 24 ноември 2024

Кремљ жали за одлуката на Аргентина да не се приклучи кон БРИКС

Кремљ жали за одлуката на Аргентина да не се приклучи кон БРИКС

Москва, 19 јануари 2024 (МИА) - Кремљ соопшти дека жали поради одлуката на Аргентина да не се приклучи кон блокот на нации - БРИКС и се надева дека Буенос Аирес повторно ќе размисли за тоа.

Новата аргентинска министерка за надворешни работи, Дијана Мондино, во ноември изјави дека нејзината земја нема да се приклучи кон групата земји во развој БРИКС и покрај тоа што е поканета да го стори тоа. Место тоа, претседателот Хавиер Милеј одлучи да ги продлабочи врските со САД.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за одлуката на Аргентина вчера изјави дека „се разбира, ваквата одлука е за жалење, но тоа е суверено право на Аргентина и ние ја почитуваме секоја одлука на Буенос Аирес“.

-Ние, сепак, што се однесува до Аргентина, се надеваме дека со текот на времето раководството на оваа земја може да сфати дека за нив е поисплатливо да се вратат во БРИКС, рече тој.

БРИКС, блок на земји во развој, што претходно се состоеше од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, е во процес на проширување за да прими и други земји.

Освен Аргентина, блокот во август се согласи во своите редови да ги прими Саудиска Арабија, Иран, Етиопија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, во потег чија цел е да го забрза обидот да го промени светскиот поредок што го смета за застарен. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан