• сабота, 23 ноември 2024

Креативно изразување на младите „Враќање во иднината“ во креативниот центар „Бруталиск“

Креативно изразување на младите „Враќање во иднината“ во креативниот центар „Бруталиск“

Скопје, 2 јуни 2024 (МИА) - Познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата денеска ќе работат на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.

Активноста што ќе се одржи во креативниот центар „Бруталиск“ е дел од настанот „Враќање во иднината“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје во соработка со Форумот за разумни политики и Центарот за едукација и уметност – Хана.

Учесниците ќе бидат поделени во четири групи, а менторите Емилија Ристановска од Центарот за едукација и уметност „Хана“ и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики ќе им помогнат на младите средношколци да ја разберат уметноста како одговор на општествените и политички случувања низ историјата.

На настанот, свое учество како тренери ќе земат познатиот визуелен уметник, илустратор, графички дизајнер и ди-џеј Горан Костовски-Индог, музичарката и тапанарка Мартина Баракоска, графичарот, стрип цртач и еден од најплодните рапери на современата македонска музичка сцена Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан), како и графичкиот дизајнер Теодор Петровски.

Со почеток во 12 часот е предвидена отворена презентација за граѓаните и медиумите каде што ќе биде презентиран уметничкиот и креативен израз на учесниците. ар/ев/

Фото: Фондација Еберт

Остани поврзан