• сабота, 23 ноември 2024

Крводарителска акција во Домот на АРМ по повод Голема Богородица, апел за хуманост до скопјани

Крводарителска акција во Домот на АРМ по повод Голема Богородица, апел за хуманост до скопјани
Скопје, 28 август 2022 (МИА) - Во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар и Институтот за трансфузиона медицина, денеска, во Домот на АРМ, во Скопје, традиционално, по јубилеен 20-ти пат, се одржува крводарителска акција по повод празникот Успение на Пресвета Богородица. - Ова крводарителска акција ја започнавме 2003 година заедно и по иницијатива на Илија Саздовски-Жабар, за жал сега покоен, на која што редовно доаѓаат крводарители. Досега за овие 19 акции имаме остварено 4.200 крводарувања или 220 по акција во просек. Значи одѕивот, без разлика на годините, пред короната, сепак беше стандарден, нормално со малку намален борј, но сепак задоволува, посебно во овој период кога се најпотребни крвните единици, изјави Звонко Васев од Црвен крст на Општина Центар. За првите час и половина од акцијата имало околу  40, 45 дарители. Ефтим Димитровски од Институт за трансфузиологија вели дека ова е една од поуспешните акции која што ја организираат заедно со Црвен крст. -Акцијата е значајна не само од аспект дека е традиционална и 20-годишна по ред, туку и од аспект што летниот период луѓето се по одмори, па имаме помали количини на крв и секоја една ваква акција од поголем број е секако добредојдена. Не се сомневам дека оваа акција ќе биде успешна како и сите изминати години. Да упатам и јавен повик до сите кои се чуствуваат здраво и се во можност да дојдат денеска, тука сме до 17 часот, рече Димитровски изразувајќи уверување дека како изминатите години, така и оваа година ќе стигнат до бројка од 200 крводарители. Тој потенцира дека е битна секоја крводарителската акција и значи спас за луѓето на кои им е најпотребна драгоцената течност. -Секоја крводарителска акција, секоја собрана една единствена единица крв има огромно значење затоа што на сите пациенти им е потребна крвта, крвта која што не може да се сработи, не може да се произведе, значи тоа е еден лек којшто секако секој којшто може тоа да го дарува да го даде на тој што му е потребно. Ние сме благодарни, и секако таа завршува на право место, кај тие на коишто им е најповеќе потребна, вели Димтровски. Крводарителската акција во Домот на АРМ ќе се одвива од 09:00 до 17:00 часот. вг/

Остани поврзан