• сабота, 23 ноември 2024

Крводарителска акција во Американската амбасада по повод Денот на ветераните

Крводарителска акција во Американската амбасада по повод Денот на ветераните

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - По повод Денот на ветераните, крводарителска акција се одржа денеска во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија и Институтот за трансфузиона медицина.

Ова е 16-та акција на дарување крв во која се вклучија вработени во Амбасадата, припадници на Армијата, медиумски работници, претставници од ИВЗ, јавната администрација...

Саит Саити од Црвениот крст на Северна Македонија посочи дека покрај крводарување, акцијата вклучува и собирање на хуманитарна помош и на парични средства кои ќе бидат наменети за одредени целни групи на кои помошта им е најпотребна во овој период од годината, кои се опфатени со нивните програми за работа како бездомници, лица загрозени од ниските температури и социјални категории. 

- Очекуваме солиден одѕив на денешната акција, околу 150 дарувања. За разлика од минатитите години малку помалку, но пристапот и форматот кој оваа година го одбравме одговљра на тоа што го очекуваме. Акцијата има и порака на хуманост, солидарност, потсетување, споделување и сите да сфатиме колку е важна солидарноста и колку е важно во еден момент да помислиме на сите на кои им е потребна нашата помош и поддршка. Среќни сме што повторно можеме заедно да придонесуваме и во наредните години согласно потребата од прилагодување на хуманитарната помош ќе го прилагодуваме форматот на акциите и активностите во Амбасадата, вели Саити, кој и самиот е крводарител.  

Директорот на Институтот за трансфузиона медицина др. Амир Елези истакна дека оваа традиционална акција е една од најупешните и е многу важна за прибирање крвни единици во рамки на Институтот со цел обезбедување на дневните количини крв кои се неопходни за пациентите кои лежат на клиниките.

-Ние не правиме разлика меѓу донорство на органи и донорство на крв и затоа сите што се здрави и сакаат да помогнат се добредојдени во акциите што ги организираме како Институт за трансфузиона медицина, рече др. Елези.

Меѓу крводарителите беше и првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

-Крводарителската акција е традиционална, обично има повеќе поводи, а оваа година е во чест на ветераните на САД.  Тука сме бидејќи САД се наш стратешки партнер и помагаме во вакви прилики, рече Меџити.

Денот на ветераните е федерален празник во Соединетите Американски Држави, кој се одбележува секоја година на 11 ноември, во чест на воените ветерани на вооружените сили на САД. Датира од 1919-та година кога претседателот Вудроу Вилсон го прогласил 11. Ноември за Ден на примирјето, за да го означи крајот на борбите точно една година пред тоа, во Првата светска војна, помеѓу Германија и сојузниците Велика Британија, Франција и САД.  Во 1938-та година Денот на примирјето е прогласен за официјален државен празник во САД , а во 1954 година преименуван е во Ден на ветераните, со цел да се одбележат и Втората светска војна и Корејската војна. вг/бак/

Фото: МИА

  

Остани поврзан