• среда, 25 декември 2024

Крводарителска акција во Амбасадата на САД во сеќавање на жртвите од 11 септември

Крводарителска акција во Амбасадата на САД во сеќавање на жртвите од 11 септември
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - По повод Националниот ден за служба и сеќавање на близу 3000 жртви од терористичките напади во Њујорк на 11 септември 2001 година, денеска  во Амбасадата на САД во Скопје се одржа крводарителска акција во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија и Институтот за трансфузиона медицина. Во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пратеници, претставници на верските заедници и на дипломатскиот кор, американската амбасадорка Кејт Мари Брнз истакна дека оваа акција е одличен симбол нa партнерство помеѓу САД и Северна Македонија и на заедничките активности за обезбедување подобра и побезбедна иднина за граѓаните на двете земји. Посветена е, нагласи таа, на крводарителите овде во Северна Македонија, во САД и низ светот бидејќи токму волонтерите беа тие кои први излегоа во пресрет да помогнат на спасувачите ризикувајќи ги своите животи во потрага по преживеаните и да им помогнат на повредените вклучувајќи и со донирање на крв. - Пред 11 септември 2001 година беше незамисливо дека е можно да сме подготвени за трагедија од такви размери. Од тогаш научивме многу за заканите со кои се соочуваме во светот и за тоа како да бидеме поподготвени да се соочиме со какви било катастрофи предизвикани било од човекот или природата. Донирањето крв е само еден пример како можеме да придонесеме за подготвеност во случаи на кризи обезбедувајќи потребни количини од животоспасувачката течност за оние на кои им е најпотребна, рече Брнз. Таа потсети дека оваа година Амбасадата на САД во Скопје работеше со своите партнери во Армијата и полицијата во Северна Македонија, на вежбата за кризен менаџмент од големи размери со вклучување и на персоналот на Амбасадата со што се овозможи и обука за прва помош. Вежбите како оваа, според неа, претставуваат средство кое овозможува брза и ефикасна реакција во услови на криза за спасување животи и превенција од натамошни штети. - Работејќи со нашите партнери во Армијата и полицијата во Северна Македонија ние исто така сме подготвени за комуникација, координација и заедничко ефикасно делување. Всушност ова е тоа што го работи Армијата на Северна Македонија заедно со партнерите од САД и ЕУ и НАТО сојузниците на регуларна основа. Ваквите вежбовни активности како што беше годинашната вежба „Брз одговор “ најголема од овој вид во историјата на Северна Македонија е со цел да ја подобри интероперабилноста меѓу НАТО силите за успешен одговор за каква било закана и криза која може да се појави. Ова никогаш не било покритично и понеопходно од денес по неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина. Со волонтирање заедничка работа и грижа на оние на кои им е потребна сите ние можеме да го дадеме нашиот дел за да им помогнеме на нашите земји, на нашите заедници да станат отпорни во случај на непријателства или трагедии, а тоа е и суштината на Денот за служба и сеќавање и на организациите како Црвен крст која со своите над 300 волонтери во Северна Македонија ни помагаат да го постигнеме тоа, порача Брнз. Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија Саит Саити истакна дека трагичниот настан кој се случи пред 21 година е болно сеќавање не само за американскиот народ туку и за целиот напреден свет, но и потсетник колку е важно во услови на трагедии да си помагаме, да ги мобилизираме сите ресурси во служба на помош за повредените и настраданите. -Денешниот настан и крводарителската акција организирана со ваша несебична поддршка се уште еден дел од низата општествено одговорни активности кои се исклучително важни за градење на позитивен однос кон крводарувањето. Придонесот на кровдарителите е позитивен пример во пошироката заедница кој поттикнува и инспирира личности со високо развиено чувство на алтруизам и солидарност кои придонесуваат за подигање на нивото на здравстевната култура и јавната свест, рече Саити заблагодарувајќи се за личниот ангажман на амбасадорката Брнз и на Амбасадата со надеж дека оваа акција ќе опстои уште многу години. На оваа акција која е 12-та по ред, крв даруваа амбасадорката, персоналот од Амбасадата, како и дел од присутните гости. Акцијата ќе продолжи и во наредните три дена во „Даре Џамбаз“ каде крв ќе даруваат припадниците на Армијата, на полицијата, но и секој заинтересиран граѓанин. вг/са/

Остани поврзан