• среда, 25 декември 2024

Крвната група открива изложеност на опасност од дијабетес, срцеви заболувања, но и кој е најдобар во сексот

Крвната група открива изложеност на опасност од дијабетес, срцеви заболувања, но и кој е најдобар во сексот

Лос Анџелес, 11 мај 2023 (МИА) - Најмалку застапена кај луѓето во светот е крвната група АБ. Но, овој дел од населението има најголема опасност од губење на меморијата, вели науката. Повеќето луѓе имаат група 0 и тие се „најдобри љубовници“ во светот, но можат да имаат проблеми со плодноста... Следат уште повеќе факти и претпоставки на науката.

Луѓето со крвни групи А, Б и АБ имаат 25 до 30 отсто повисоки нивоа на протеини, а тоа е познато како Вилебранд фактор и Фактор VIII. Делумно поради таа разлика во споредба со лицата со крвна група 0, овие луѓе се изложени на 15 отсто поголема опанот од смрт од срцеви заболувања, според истражувањето на медицинското списание „БМЦ Медисин“ (BMC Medicine).

Според наводите, луѓето со крвна група 0 имаат помали количини протеини коишто помагаат во згрутчување на крвта, така што тие се изложени на помал ризик од згрутчување.

- Сепак, не треба да се претпоставува дека поединецот со крвна група 0 е позаштитен од тоа или дека луѓето со други крвни групи се изложени на поголема опасност, вели д-р Тери Б. Герншајмер, советник на Американското хематолошко здружение.

Инаку, групата 0 не е само најчеста крвна група, туку и најстарата - научниците сметаат дека првите луѓе во светот ја имале оваа крвна група.

Оваа крвна група наводно може да ѝ пречи на бременоста. Според истражување на Медицинскиот факултет „Алберт Ајнштајн“, крвната група 0 има двојно поголема веројатност да произведува ФСХ - фоликуло-стимулирачки хормон чие високо ниво укажува на ниска резерва кај јајниците. Имено, ФСХ кај жените го стимулира создавањето зрела јајце-клетка подготвена за оплодување, а нејзините вредности се зголемуваат кога јајниците се исцрпуваат.

Луѓето со крвни групи А, Б и АБ се изложени на поголем ризик од рак на желудникот. Причината за тоа е веројатно воспалителен одговор на бактеријата „Helicobacter pylori“, одговорна за чир на желудникот. „H. pylori“ е спирална бактерија што може да се најде на слузницата на желудникот кај луѓето и е отпорна на високо киселата средина којашто се наоѓа во желудникот.

Поради разликите во згрутчувањето на крвта, луѓето со крвни групи А, Б и АБ се изложени на 31 отсто поголема можност од длабока венска тромбоза - згрутчување што се создава во вените на нозете, препоните или рацете, отколку луѓето со крвна група тип 0, открива истражување на американски истражувачи од Универзитетот на Минесота.

Губење на меморијата е почеста кај групата АБ. Иако најмалку луѓе во светот ја имаат оваа крвна група, тие имаат најголема опасност од губење на помнењето. Истражувањата покажуваат дека лицата со крвна група АБ имаат 82 отсто поголеми шанси да развијат когнитивни проблеми во иднина, во однос на другите. Причината за тоа е што имаат повисоко ниво на Фактор VIII - протеин којшто учествува во процесот на згрутчување на крвта.

Луѓето со крвна група А или Б имаат 21 отсто поголем ризик да развијат дијабетес тип 2 во нивниот живот. Истражувачите велат дека не им е сосема јасно зошто е тоа така, но една теорија е дека крвната група може да влијае на микробиомот на дигестивниот тракт, а со тоа и на метаболизмот на гликозата и развојот на воспалението, пренесува „Ридерс дајџест“ (Reader's Digest).

Стручњаци од Финска веруваат дека постои одредена поврзаност меѓу крвните групи и специфичните соеви бактерии кои живеат во цревата. Доколку имаат цврсти докази за тоа, тогаш лекарите би можеле да препорачаат одреден вид исхрана во зависност од крвната група на пациентот.

Комарците се насочени кон оние со група 0, според истражување од Јапонија. И покрај тоа, луѓето со оваа крвна група имаат најмали шанси да се заразат со најсмртоносниот облик на маларија - болест што ја пренесуваат комарците.

Луѓето со крвна група 0, исто така, се најмногу погодени од стресот, според Американската администрација за ветерани. Тоа се објаснува со фактот дека нивото на кортизол (хормонот на стрес) е повисоко кај луѓето од таа група отколку кај другите.

Крвната група А е најмногу склона кон опсесивно компулсивно нарушување (ОЦД) во однесувањето, според списанието „Неуросајкобајолоџи“ (Neuropsychobiology). Но, и таа теорија сè уште треба да се доистражи. Експертите откриле врски меѓу таа крвна група и упорноста и трудољубивоста и покрај заморот и фрустрацијата.

Најдобрите љубовници имаат крвна група 0. Тие понекогаш ќе си го ускратат задоволството себеси, само за да ја натераат другата страна да ужива уште повеќе во сексот.

Научниците од Универзитетот Орду во Турција тврдат дека мажите со крвни групи А, Б и АБ се изложени на четирипати поголема „опасност“ од „неуспех в кревет“, односно еректилна дисфункција во одреден миг од животот.

Оние луѓе со крвна група А, пак, од друга страна, се добри пријатели и мислат за другите, но не знаат како да ги изразат своите чувства, па често ги задржуваат за себе. И оние со крвна група Б се добри пријатели и знаат да слушаат, но претпочитаат да се стават себеси на прво место. Знаат правилно да го толкуваат говорот на телото и често имаат силна интуиција.

Поединците со крвна група АБ се добри во планирањето и организирање и можат да бидат многу духовно посветени, додека крвната група 0 е признак за луѓе со натпреварувачки дух и желба за моќ, кои се способни да се сосредоточат повеќе на таа таква цел, отколку на создавање добри меѓучовечки односи. .

И РХ-факторот открива многу нешта. Секоја крвна група е поделена на две подгрупи во зависност од тоа дали РХ-факторот е позитивен или негативен. Има многу помалку луѓе со негативен РХ-фактор - само околу 15 отсто, пишува davidwolfe .com. Токму за нив се смета дека имаат повисок коефициент на интелигенција од просечниот и дека се многу емпатични. Исто така, тие луѓе, наводно, почесто развиваат необјасниви фобии почесто од другите, имаат помала телесна градба од оние со позитивен РХ и се почувствителни на температурни промени.  си/рп/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан