• среда, 25 декември 2024

Крал Чарлс: Комонвелтот треба да се соочи со својата „болна историја“ во врска со ропството

Крал Чарлс: Комонвелтот треба да се соочи со својата „болна историја“ во врска со ропството

Лондон, 25 октомври 2024 (МИА) - Британскиот крал Чарлс изјави дека Комонвелтот треба да ја признае својата „болна историја“ во однос на ропството, додека земјите од Африка и Карибите бараат компензација за улогата на Обединетото Кралство во трансатлантската трговија со робови. Претставници од 56 земји, главно од поранешните британски колонии, учествуваат на Самитот на Комонвелтот (CHOGM) што се одржува во Самоа, каде што ропството и климатските промени се најважни теми.

- Слушајќи ги гласовите низ Комонвелтот, станува јасно дека најболни аспекти од нашето минато сè уште одекнуваат, истакна Чарлс во својот говор на Самитот. Тој додаде дека е „од витално значење да ја разбереме нашата историја за да донесуваме исправни одлуки во иднина“.

Карипската заедница (CARICOM) и Африканската Унија бараат Британија да понуди компензација за ропството, што предизвикува контроверзии меѓу државите. Британскиот премиер Киер Стармер изјави дека Британија е подготвена да дискутира за ова прашање, но ја исклучи можноста за извинување.

Во заклучоците од Самитот, што треба да бидат објавени утре, се вклучени и препораки за дискусии за компензација. Според историските податоци, најмалку 12,5 милиони Африканци биле насилно одведени и продадени како робови во Европа и Америка од 15 до 19 век. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан