• сабота, 23 ноември 2024

Кралот Чарлс Трети, ракот и семејната историја на слични болести

Кралот Чарлс Трети, ракот и семејната историја на слични болести

Лондон, 6 февруари 2024 (МИА) - Низ светот вчера се прошири веста за болеста на британскиот 75-годишен крал Чарлс Трети. Нему му е дијагностициран рак, но сѐ уште не се соопштува за каков карцином се работи.

Дијагнозата на кралот ѝ беше соопштена на светската јавност, но не секогаш било така. Неговите предци од династијата Виндзор се обидувале да ги сокријат своите медицински досиеја. Дедото на Чарлс, и на Елизабета Втора - Џорџ Шести, на пр., бил страствен пушач, па своевремено, поради компликации околу „структурни абнормалности“, му е отстрането левото белодробно крило. Стручњаците претпоставуваат оти станувало збор за рак, објави британски „Телеграф“ (The Telegraph).

Џорџ починал само пет месеци по операцијата, а лекарите ја криеле дијагнозата од јавноста. Кралот боледувал и од васкуларна болест, па се претпоставувало дека тоа е причина за коронарната тромбоза, но се говорело и за ширењето на ракот.

Минатиот понеделник, по рутинска операција на зголемената простата, Чарлс Трети беше пуштен од болница. Но, се знае дека тој не боледува од рак на простатата, туку ракот му бил откриен за време на третманот околу простатата, пишува „Би-би-си“.

И мајката на Елизабета Втора - мајката-кралица Елизабета боледувала од рак. Вилијам Шокрос во својата постхумна биографија пишува дека мајката-кралица двапати била лекувана од оваа тешка болест. Почина во 2002 година на 102-годишна возраст.

И Елизабета Втора, наводно починала од рак. Во биографијата „Кралицата Елизабета: Интимен портрет“, Гајлс Брандрет пишува дека таа боледувала од миелом - ретка форма на рак на коските. Авторот му бил пријател на нејзиниот сопруг принцот Филип, и наведува дека лекарот на кралицата бил свесен за нејзината здравствена состојба.

- Навистина не сакав никого да вознемирувам, но ако тоа се потврди, а еден ден ќе се случи, барем јас како новинар кажувам што се случи, изјави Брандрет откако неговите тврдења предизвикаа дискусии.

Принцезата Викторија, ќерка на кралицата Викторија и принцот Алберт, починала од рак на дојка во 1901 година, пишува „Ју-ес викли“ (US Weekly). Според книгата на Џејн Ридли - „Берти: Животот на Едвард Седми“, кралот Едвард се оперирал од карцином на базалните клетки лоциран веднаш до неговиот нос.

На кралот Едвард Осми (чичкото на Елизабета Втора кој абдицирал од престолот), му бил дијагностициран рак на грлото во 1971 година. Тој со години бил страствен пушач, а починал веќе следната '72 година.

Војвотката од Јорк, Сара Фергусон во јуни лани откри дека боледува од рак на дојка, а потоа во јануари годинава објави дека има уште една дијагноза - малигнен меланом.

Пред четири години се појавија гласини дека британското кралско семејство го зафатила уште една здравствена криза, кога „Нејшнал енквајерер“ (National Enquirer) на својата насловница објави дека принцот Вилијам боледува од напреднат рак. Според тогашните наводи, тоа веќе била неизлечива фаза на болеста, за којашто војводата од Велс дознал откако се заразил со коронавирусот. Додека други медиуми ја означија веста како лажна, самиот принц не коментираше. Се чини, престолонаследникот боледувал од потежок случај на Ковид.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан