• недела, 24 ноември 2024

„Кралицата на танцот“, „Фантастичната тројка“ и „Сестри“ – најдобри филмови според жирито на 11. „Џифони Македонија“

„Кралицата на танцот“, „Фантастичната тројка“ и „Сестри“ – најдобри филмови според жирито на 11. „Џифони Македонија“

Скопје, 11 октомври 2023 (МИА) - Со соопштувањето на најдобрите играни филмови синоќа во преполната сала на скопското кино „Милениум“ е затворено 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Како што соопштија организаторите, норвешкиот „Кралицата на танцот“ во режија на Аурора Госе за јуниорите, францускиот „Фантастичната тројка“ на Михаел Дихтер за кадетите и македонскиот „Сестри“ на Дина Дума за сениорите се најдобрите филмски остварувања согласно гласањето на жирито на фестивалот.

Најдобри кратки филмови според возрасни категории беа - „Магијата на Валентина“ на Ан Кристин Жирардо од Холандија (јуниори), „Марипоза“ на Маурицио Форчела од Италија (јуниори) и „Врати се дома безбедно“ на Тамара Дениќ од Германија (сениори).

Во категоријата на анимирани филмови за најдобар филм е прогласен „Ана Морфоз“ во режија на Жоао Родригез од Португалија, а најдобар краток филм снимен од ученик е „Средба“ во режија на Анастасија Петровиќ од Србија.

Младите џифонци од земјава и од странство низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии покажаа што научиле во изминатите пет фестивалски дена. Низ работилниците ги водеа врвни професионалци: Роберт Јанкулоски (фотографија), Ладислав Цветковски и Линда Трајкоска (дигитален дизајн), Мартин Чичовски (видео репортажа), Здравко Гиров и Давор Драмиќанин (стрип), Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов (видео во еден кадар) и Филип Лафазановски (едноминутно видео) кои работеа со кадетите и сениорите.

Работилниците за јуниори ги водеа: Моника Мотеска (ликовна уметност), Лада Шоптрајанова-Петровска (мјузикл) и Предраг Вукосављевиќ (краток филм). Со громогласен аплауз младите џифонци го поздравија настапот на јуниорите од работилница за мјузикл, кои ја изведоа песната This is me од мјузиклот „Најголемиот шоумен“. Следуваа проекции од сите изработени филмови, цртежи, графички работилници, стрипови, фотографии.

-Имавме повеќе од 500 учесници од повеќе земји, гледавме филмови, работевме, разговаравме и најважно - се забавувавме. Ви благодариме за ова искуство, беше фантастично за сите. Вие ова го направите, рекоа водителките чии зборови џифонци ги наградија со бурни овации.

Присутните ги поздрави Марио Де Роза, заменик амбасадор на Италија во нашата земја и самиот поранешен џифонец. Тој ги соопшти наградите ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Овој проект е новина на фестивалот и преку креативноста на младите го промовира мирот, а е поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Во оваа категорија беа доделени три награди во категоријата краток филм: за млад автор, за автор од Балканот и награда за најдобар ЕПИК филм.

- Среќен сум што сум тука повторно и што гледам дека фестивалот расте. Ова е многу важно за соработка и дијалог меѓу вас младите кои доаѓате од различни земји и култури, од различни религии. Токму тоа е поентата на проектот ЕПИК, затоа продолжете да го промовирате мирот и слогата, особено во овој момент тоа ни е на сите најнеопходно. Фантастични сте, и секоја година сте сè подобри, рече Де Роза.

ЕПИК наградата за најдобар филм од млад автор ја доби американскиот „Смрт во Нормандија“ на 13-годишниот Лео Кан, Дамир Мехиќ од Босна и Херцеговина ја доби ЕПИК наградата за автор од Балканот за филмот Going Diaspora, а за најдобар ЕПИК филм е прогласен „Светла“ во режија на Јитка Немикинсова од Чешка.

Традиционално, се посочува, беа објавени имињата на дел од џифонците од нашата земја кои ќе нè претставуваат на „Џифони Италија“ идната година. Михаела Душански, Максим Јосевски, Срна Ѓорѓиевска и Вања Марковиќ беа избрани меѓу најактивните учесници на ова издание според традиционалните критериуми. Оваа година беше воведена и една новина: во вид на „лотарија“ беше извлечено едно име од сите оние што годинава биле домаќини на учесник од странство, а најмногу среќа имаше Билјана Савиќ. Останатите претставници за гостување на фестивалот во Италија и на другите партнерски фестивали ќе бидат избрани во следните месеци.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје, како и од бројни компании спонзори  и пријатели на фестивалот. вг/ев/

Фото: „Џифони Македонија“

Остани поврзан