• среда, 18 декември 2024

Кралицата Елизабета во недела одбележува 70 години владеење

Кралицата Елизабета во недела одбележува 70 години владеење
Лондон, 3 февруари 2022 (МИА) - Кралицата Елизабета Втора во недела ќе стане првата британска владетелка која е на тронот цели 70 години, со што ќе го означи почетокот на нејзината платинеста јубилејна година. Нејзиното владеење започна на 25-годишна возраст и оттогаш таа стана единствениот постојан актер во период на брзи општествени и политички промени и шеф на модерна Британија.
Историскиот датум нема да биде одбележан со голема церемонија, бидејќи 95-годишната кралица ја поминува годишнината од смртта на нејзиниот сопруг во приватност.
Но, за почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, концерт, улични прослави, масовен пикник и „натпревар во платинест пудинг“.
За одбележување на годишнината се изработени и специјални, пригодни монети.
По смртта на сопругот Филип во април минатата година, кралицата се врати на јавниот живот и службените должности, меѓу кои и приемот на светските лидери на самитот на Г7 во Корнвол, југозападна Англија.
Но, по совет на лекарите откако помина една ноќ во болница во октомври, таа се повлече во дворецот Виндзор и само неколку пати излезе во јавност.
Последен пат тоа го направи пред повеќе од еден месец во нејзината (снимена) годишна божиќна порака, кога му оддаде лична почит на својот покоен сопруг, со кој беше во брак 73 години.
Само тројца владетели во светската историја владееле повеќе од 70 години.
Францускиот „Крал на сонцето“ Луј XIV владеел 72 години и 110 дена од 1643 до 1715. Кралот Бумибол Адуљадеј од Тајланд бил на тронот 70 години и 126 дена од 1946 до 2016 година.
Јован II, принцот од Лихтенштајн, владеел 70 години и 91 ден од 1858 до 1929 година. паг/        

Остани поврзан