• сабота, 23 ноември 2024

Коњуфца: Критиките на САД кон Косово се на место, но нема потреба од паника

Коњуфца: Критиките на САД кон Косово се на место, но нема потреба од паника

Приштина, 21 февруари 2024 (МИА) – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца изјави дека односите меѓу Косово и Соединетите Американски Држави не се загрижувачки и дека „нема потреба од паника“ по критиките на официјален Вашингтон за некои дејствија на косовските власти, како што е одлуката за забрана на српскиот динар, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коњуфца, по денешната судска сеанса, на која му се суди по обвинението за фрлање солзавец во Собранието, како опозиционер во 2016 година, изјави дека целосно ги разбира забелешките и критиките на САД, за кои рече дека се соодветни, бидејќи САД го гледаат Косово „од многу повисоко ниво“ од она како Приштина ја гледа ситуацијата.

Но, нагласи тој, односите меѓу двете земји не се загрижувачки, бидејќи забелешките на САД не се поврзани со законитоста на постапките на Владата.

- Целосно ги разбираме забелешките и критиките што ни ги упатуваат САД. Тие се секогаш валидни, бидејќи САД го гледаат Косово од многу повисоко ниво отколку што ние ја гледаме ситуацијата. Тие го гледаат и од регионален аспект, од европски аспект и во општ глобален контекст. Според нашите гледања, право на косовската држава е да го прошири владеењето на правото и сопствениот суверенитет. Тоа е потесна перспектива, но тоа е перспектива на правото на Косово. Забелешките на САД немаат никакво влијание врз законитоста на нашите постапки. Ни даваат право, но, според нив, потребна ни е поголема подготовка, додаде Коњуфца.

Спикерот на косовскикот Парламент рече дека верува оти може да се најде средина, меѓу акциите и претходното споделување информации за тоа што го прават косовските власти.

- Зошто ни е потребна поголема подготовка - бидејќи тоа може да ги иритира Србите, а некој да ја искористи ситуацијата, да ја злоупотреби ситуацијата и да организира протест. Кога има протести има тензии, кога има тензии може да се загрози безбедноста. Ова е перспективата на САД. Нашата перспектива е дека мора да се преземе акција. Можеме ли да најдеме начин и да преземеме акција и од порано да споделиме информации за тоа што ќе правиме? Мислам дека е можно и мислам дека владата веќе го прави тоа, рече Коњуфца.

Остри реакции од САД имаше по новата регулатива на ЦБК, со која еврото станува единствена валута за трансакции. Дури, помошникот американски државен секретар, Џејмс О’Брајан изјави дека одбивањето на Приштина на барањата на Вашингтон во однос на забраната на динарот го доведува во прашање партнерството меѓу двете држави.иа/сд/

Остани поврзан