• вторник, 12 ноември 2024

Коњуфца: Барањата на ЕУ се исти како и на Белград, не прифаќаме боснизација на Косово

Коњуфца: Барањата на ЕУ се исти како и на Белград, не прифаќаме боснизација на Косово

Приштина, 16 септември 2023 (МИА) – Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, коментирајќи ја средбата во Брисел меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, рече дека Европската унија има неизбалансиран пристап кон Косово и кон Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во вчерашното обраќање пред медиумите во Собранието, каде што беше одбележан Меѓународниот ден на демократијата, Коњуфца ја критикуваше ЕУ дека нејзините барања кон Косово се исти како и барањата што ги поставува Србија во преговорите.

- Не може да се прифатат сите договори. Пристапот на ЕУ е неурамнотежен, бидејќи сите барања што се поставуваат кон Косово одговараат на она што Србија ни го бара. Такво барање е она за оставка на градоначалниците на општините (со мнозинско српско население) без никаква процедура. Сите тие се барања на Србија и за жал истото тоа од нас го бара ЕУ. Не можеме да ја нарушиме нашата земја, изјави Коњуфца.

Собранискиот спикер порача дека Косово нема да прифати формирање заедница на српски општини која е спротивна на Уставот на државата.

- Тоа е неприфатливо за Косово... Преку охридскиот договор (меѓу Курти и Вучиќ) се направи обид да се регулираат надворешните односи меѓу Косово и Србија, а тоа е регулирано со член 2 од договорот кој вели дека државите ќе функционираат како две суверени држави според принципите на Обединетите нации. И во оваа рамка на трансформација на односите, кога тие ќе станат пријателски, Косово ќе ја формира Заедницата. Во спротивно, Косово нема обврска да ѝ даде заедница на Србија и ние да останеме непризнаени од Белград. Тоа би било катастрофално и со големи последици, рече Коњуфца.

Тој нагласи дека Приштина во ниту еден случај нема да прифати „боснизација на Косово“.

- Никогаш нема да се умориме да ѝ аргументираме не меѓународната заедница дека ова е став од кој Косово не се откажува, бидејќи ако се откаже, би можеле да доведеме до боснизација на Косово. Народот гласаше (владејачката партија) Движење самоопределување (ВВ) да го запре процесот на боснизација на Косово, рече првиот косовски парламентарец.

Според него, формирањето на Заедницата на српски општини е прифатено од претходните влади, и тоа „не може да се врати на нулта точка“.

- Ние разбираме дека Косово нема капацитет да го ресетира тој процес. Но, за да ја исполниме нашата обврска, може ли да ни се гарантира дека Србија нема да го користи овој механизам за да го поткопа државјанството и суверенитетот на Косово. Меѓународната заедница не дава гаранции. Меѓународната заедница мора да ни даде силни гаранции, а не само зборови, изјави Коњуфца. иа/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан