Коњановски: Жалам за повредите на детето каснато од куче и посакувам брзо да заздрави
- Жалам за повредите кои се предизвикани и посакувам брзо заздравување на детето кое неодамна беше каснато од куче, изјави на прес конференција во Битола, градоначалникот Тони Коњановски. Во изјава за медиумите, Коњановски потврди дека Општина Битола упатила допис и до Јавното обвинителство за да го испита енормниот број на жалби и поплаки на лица каснати од кучиња во градот.
Битола, 9 февруари 2026 (МИА) - Жалам за повредите кои се предизвикани и посакувам брзо заздравување на детето кое неодамна беше каснато од куче, изјави денеска градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Коњановски потврди дека Општина Битола упатила допис и до Јавното обвинителство за да го испита енормниот број на жалби и поплаки на лица каснати од кучиња во градот.
-Појавата за која ние многупати реагиравме и алармиравме, а упативме и допис до Јавното обвинителство со цел да се испита, а во врска со енормниот број на жалби и поплаки за лица каснати од кучиња во градот е голем проблем. Искрено жалам што во неколку наврати во Битола се случи каснување од куче, но единствениот начин согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните е можна само со згрижување на кучиња врз принципот залови-вакцинирај-стерлизирај и повторно врати на местото од каде е заловено куче. Апелирам до сопствениците на кучиња и до иматели на кучиња да водат грижа и да не ги пуштаат кучињата надвор без заштита, затоа што според моите информации, последниот немил случај е врзан со имател на куче. Жалам за повредите кои се предизвикани и посакувам брзо заздравување, истакна Коњановски.
Од Општина Битола информираа дека временото згрижување на кучиња во прифатилиштето „Хачико“ се врши без пречки и работи со полн капацитет каде може да се згрижат 75 кучиња.мт/лв/
фото: МИА