• среда, 18 декември 2024

Која е Џорџа Мелони, жената која веројатно ќе биде премиерка на Италија?

Која е Џорџа Мелони, жената која веројатно ќе биде премиерка на Италија?
25 септември 2022 Хина Од тинејџерска активистка која го фалеше Мусолини, до фаворитка за прва италијанска премиерка, Џорџа Мелони имаше интересен развој, доведувајќи ја нејзината екстремно десничарска партија на дофат на моќ. Истражувања на јавното мислење покажуваат дека екстремно десничарската коалиција на чело со нејзината партија „Браќа на Италија“, е на најдобар пат кон победа на изборите. Одлучна и борбена додека ги критикува Европската Унија, масовната имиграција и „ЛГБТ лобито“, 45-годишната жена ги освои разочараните гласачи и формираше силен личен бренд. - Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум христијанка, рече таа на собир во Рим во 2019 година, нешто што стана вирално откако беше миксирано во песна за танцување. „Браќата на Италија“ произлегоа од италијанското постфашистичко движење, но, Мелони настојува да се дистанцира од таквото минато, иако не сака целосно да се откаже од него. Заговара традиционални католички семејни вредности, но, тврди дека ќе го зачува италијанскиот закон за абортус што дозволува прекин на бременоста, но, им овозможува на докторите да одбијат да го спроведат. Меѓутоа, вели дека на жените кои мислат оти абортусот им е единствена опција, сака да им даде право на избор. Подготвена за власт Родена во Рим на 15 јануари 1977 година, Мелони пораснала во работничката област Гарбатела со својата мајка, бидејќи татко ѝ ги оставил. Долго време се занимава со политика. На 31 година, таа беше најмладата министерка во повоената италијанска историја и беше меѓу основачите на „Браќа на Италија“ во 2012 година. На изборите во 2018 година, нејзината партија освои четири отсто од гласовите, а сега во анкетите добива над 24 проценти. Доколку оствари таков резултат, Мелони би била пред не само своите противници, туку и коалициски партнери, антимигрантската „Лига“ на Матео Салвини и партијата „Форца Италија“ на Силвио Берлускони, во чија влада беше во 2008 година. Во корист на Мелони е тоа што нејзината партија беше единствената опозициска изминатите 18 месеци затоа што сите останати одлучија да се придружат на владата на национално единство на досегашниот премиер Марио Драги. Истовремено, сака да ги увери оние кои поставуваат прашања за нејзиниот недостиг на искуство, поставувајќи плакати со слоганот „Подготвена“ низ земјата. Ја нагласува фискалната претпазливост со оглед на големиот италијански долг, покрај тоа што нејзината коалиција повикува на намалување на даноците и повисоки социјални давачки. Нејзиниот став за Европа со годините стана поумерен и повеќе не сака Италија да ја напушти еврозоната и силно ги поддржува европските санкции против Русија поради војната во Украина. Но, вели дека Рим мора повеќе да се залага за своите национални интереси и го поддржува унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговите битки со Брисел. Неофашистичко минато Мелони како тинејџерка беше активистка на младите на Италијанското социјално движење, основано од поддржувачите на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини по Втората светска војна. На 19 години, водејќи кампања за екстремно десничарската Национална алијанса, за француска телевизија изјави дека „Мусолини беше добар политичар бидејќи сè што правеше, го правеше за Италија“. Откако беше избрана за претставничка на Националната алијанса во 2006 година, ја промени реториката, изјавувајќи дека диктаторот правел „грешки“, како што биле расните закони, неговиот авторитаризам и влегувањето во Втората светска војна на страна на нацистичка Германија на Адолф Хитлер. Нејзината партија го презеде името од првиот стих на италијанската химна, а нејзиното лого го вклучува пламенот што го користеше и Италијанското социјално движење, во боите на италијанското знаме. Ги одби повиците за промена на логото, инсистирајќи оти пламенот „нема ништо со фашизмот“. - Италијанската десница го препушти фашизмот во историјата веќе со децении, додаде таа во видео обраќање до странски дописници минатиот месец. Таа инсистира дека во нејзината партија „нема простор за носталгија“. Мелони со партнерот Андреа Гиамбруно, телевизиски новинар, има ќерка родена во 2006 година. бд/

Остани поврзан