• вторник, 17 март 2026

Кошта: ЕУ треба да биде подготвена да разговара со Русија

Кошта: ЕУ треба да биде подготвена да разговара со Русија

Брисел, 17 март 2026 (МИА) - Европската Унија треба да се подготви за можни разговори со Русија - изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пренесе ДПА.

Засега Европската Унија не треба да се меша во напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за мир во Украина, рече Кошта во интервју за мрежата на новински агенции European Newsroom (enr).

- Но, доколку преговорите бидат прекинати или неуспешни, тогаш треба да бидеме подготвени да ги продолжиме напорите и да се обидеме да постигнеме праведен и траен мир во Украина - изјави Кошта.

САД ги водеа дипломатските напори за посредување меѓу Москва и Киев. Овие разговори неодамна беа прекинати бидејќи фокусот на Вашингтон се префрли на војната во Иран.

Во интервјуто Кошта сепак повика на воздржаност.

- Засега нашиот главен придонес е да го зголемиме економскиот притисок врз Русија и да продолжиме да ја поддржуваме Украина со сите расположливи средства - рече тој.

Зголемените цени на енергијата не ја променија стратегијата на ЕУ, рече тој, бидејќи ЕУ се стреми да стане независна од руските енергетски испораки и не преговара за цените на енергијата со Москва.

Украина се брани од руска инвазија повеќе од четири години. ЕУ го поддржува Киев, вклучително и со финансиска помош.

Унгарија во моментот блокира милијарди евра нова помош веќе одобрена за Украина. Ова е неприфатливо, рече Кошта, кој претходно беше премиер на Португалија. јт/сд/

Фото: ДПА

Остани поврзан