• среда, 27 ноември 2024

Кошаркарките од КК Крива Паланка се пласираа во два финални турнири на младинските првенства

Кошаркарките од КК Крива Паланка се пласираа во два финални турнири на младинските првенства
Крива Паланка, 6 јуни 2021 (МИА) - Со денешните победи на натпреварите одиграни во Скопје во рамки на младинските натпревари во конкуренција до 16 и до 18 години, кошаркарскиот клуб Крива Паланка оствари одличен пласман на финалните турнири од завршницата на првенствата во женска конкуренција. Поради пандемијата со Ковид-19 младинските кошаркарски првенства се одигруваат во турнир - систем, организатор и домаќин на истите е Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија, а турнирите се одигруваа напоредно во неколку спортски сали во Скопје. - На првиот натпревар што се одигра претпладне, против ЖКК Струга 2009, Струга, успеавме да извојуваме лесна победа, а поголема минутажа на паркетот добија и помладите кошаркарки од генерација 2006. Победата значеше дека со М-16 екипата со сигурност разигруваме на финалните натпревари за медал, додека исклучително неизвесен и тежок натпревар беше мечот од јуниорското натпреварување каде што нашите девојки играа со далеку поискусните кошаркарки на ЖКК Струга 2009. Морам да им честитам на прикажаната игра и на двете наши екипи девојчиња, во кои настапија речиси истоветни играчи, што значи дека денешниот ден,со два меча, во две лиги, е за секоја почит и ги прави резултатите уште поголеми. Задоволство е да се биде на чекор до остварување на зацртаните цели, но останува да се работи напорно претстојниот период за да се реализира сето она кон што тежнееме сезонава, откако минатата сезона поради пандемијата, остана без завршница, изјави Ведран Белешковски, претседател на Кошаркарски клуб Крива Паланка. Тренерот на тимот, Мирослав Ивановски, упати благодарност до сите кошаркарки и нивните семејства за посветеноста во досегашниот отежнат период на работа и дејствување, во пандемски услови, во кој беше исклучително тешко да се одржи спортската форма и непречено работење, до приоритет да се сочува здравјето на сите инволвирани. Финалните турнири во двете конкуренции од женската кошаркарска лига ќе се одржат за две недели, а КК Крива Паланка атакува на пласман во финалните натпревари и во конкуренција на девојчиња до 14 години. Турнирот за М-14 девојки ќе се одржи претстојниот викенд во Скопје. Во 2019 година екипата на КК Крива Паланка беше државен првак во генерацијата девојки родени 2005/06, а во кадетска конкуренција освоија бронза. ид/зс/

Остани поврзан