• петок, 27 декември 2024

Кочански „Водовод“ ќе копа бунар со енергетско напојување од фотоволтаици

Кочански „Водовод“ ќе копа бунар со енергетско напојување од фотоволтаици
Кочани, 8 јуни 2022 (МИА) – Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе копа нов бунар и ќе инсталира потопна пумпа за која енергетското напојување ќе се обезбедува од фотоволтаични панели. Се очекува целата инвестиција да чини околу половина милион денари, што се обезбедени од сопствената буџетска сметка. Бунарот ќе биде лоциран кај градската депонија за комунален отпад и водата од него ќе се користи за гаснење на пожарите што настануваат поради самозапалување на метанот од органските материи. -Поради локацијата на депонијата, до која нема електрична инсталација, ниту пак можност на друг начин да се обезбедува поголема количина вода, принудени сме да изградиме бунар за кој струјата ќе ја обезбедиме од сончевата енергија. Се планира да се постават панели со вкупен капацитет од 3,3 киловати, како и инвертер, акумулатори и друга придружна опрема за производство на струјата. Бунарот ќе биде со длабочина од 80 метри и ќе има вградена потопна пумпа со моќност од 2,2 киловати. Стручна проценка е дека количината на водата што ќе се добива од целата инсталација ќе ги покрива потребите за интервентно гаснење на огнот на депонијата, со што ќе се спречи чадењето и загадувањето на воздухот, истакна Иван Иванов, в.д. директор на КЈП „Водовод“. Од „Водовод“ велат дека инвестицијата е економски оправдана затоа што целосно ќе се избегнат трошоците за транспорт на водата со цистерни и амортизацијата на возилата. Во моментот тече рокот за избор на изведувач на градежните и инсталациските работи, а бунарот со опремата треба да бидат комплетирани до крајот на јули годинава.та/сх/

Остани поврзан