• четврток, 26 декември 2024

Кочанските планинари уредија патека до планинското село Пресека

Кочанските планинари уредија патека до планинското село Пресека
Кочани, 13 јануари 2020 (МИА) – Членовите на планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани ја завршија акцијата за трасирање, уредување и обележување на патеката од населбата Оризари до селото Пресека, односно до манастирот „Св. Харалампие“ на падините на Осоговските Планини. Во активноста се вклучија десетина најактивни планинари, кои неколку викенди работеа на расчистување и обележување на патеката во должина од околу 11 километри, а за што вложија сопствени средства. - И покрај зимските услови и снегот, успешно ја реализиравме планираната акција, што е дел од годишната програма за работа на клубот. Поставени се педесетина метални патокази и информативни таблички со ознаки за местата каде има извори на вода и за правецот на движење кон манастирскиот објект, кој располага со трпезарија и простор за ноќевање. По целата должина има видиковци и извори на вода за пиење, а дел од патеката поминува низ прекрасни и живописни шумски предели што се посебна атракција за посетителите. Главната идеја е конечно да се оформи и да заживее источната планинска трансверзала во нашата држава, со што ќе го промовираме регионот и ќе привлечеме што поголем број љубители на планината и туристи, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“. Целта на кочанските планинари е да се обезбеди полесно и побезбедно движење на останатите планинари и на граѓаните рекреативци, а истовремено да се добијат нови патеки кон локации во Осоговијата до кои досега ретко се изведуваа планинарски маршеви. Слична активност беше реализирана минатата година, при што беше уредена и обележана патека со должина од околу 12 километри, од селото Пантелеј до локалитетот Раткова Скала.та/ир

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан