• среда, 25 декември 2024

Коцкањето со сојузите ја поткопува одбраната на Косово, изјави претседателката Османи

Коцкањето со сојузите ја поткопува одбраната на Косово, изјави претседателката Османи

Приштина, 21 ноември 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека „загрозувањето и коцкањето“ со сојузите ја поткопува одбраната на Република Косово и побара залагања и посветеност за одржување на соработката со нив, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето годишно обраќање пред Собранието на Косово, Османи рече дека не го разбира исмејувањето на сојузниците ниту спомнувањето на нивните имиња за да се дојде до власт. Според неа, сојузот со оние кои помогнале да се направи држава Косово не е ниту потчинување, ниту уценување.

„Ниту еден народ не успеа сам и ниту една земја не успеа во изолација. Важноста и зајакнувањето на сојузите е непроценливо. Слабеењето на сојузите е стратешка грешка. Сојузот со оние кои ни помогнаа да ја имаме државата не е ниту потчинување, ниту уценување. Верувам дека нашата најголема сила лежи во партнерствата. Сојузите се тука да не штитат, па затоа загрозувањето и коцкањето со нив ја поткопува самата одбрана на нашата Република. Не го разбирам исмејувањето што се прави на сметка на сојузниците, ниту нападите против нив, ниту злоупотребата на нивните имиња за добивање на власт... ниту едното ниту другото не му прават чест на Косово. Потребно е многу труд и посветеност за одржување на сојузите со партнерите“, рече Османи.

Косовската претседателка повика на лојалност кон уставните вредности на земјата и „уставен патриотизам“.

„Не значи дека нема да има напади врз столбовите на државата, но мора да останеме обединети да го заштитиме Уставот. Најмногу ни треба уставен патриотизам. Во тешки времиња за светот, лојалноста кон принципите на Уставот е она што треба да не обедини. Денес безбедноста е суштински предуслов за зголемена благосостојба, економски развој и достоинство. Она што ја докажува нашата зрелост е да се погрижиме политиките да го одразуваат она што е исправно, она што е потребно, а не она што е политичко, тоа што е во долгорочен интерес, а не во интерес на едни избори. Далекувидната визија е она што ги одликува силните лидери“, изјави Османи.иа/

Остани поврзан