• среда, 25 декември 2024

Коцевски: Ќе продолжам да работам професинално и согласно законите, ако евентуално сум згрешил условите за мое разрешување се содржани во Законот

Коцевски: Ќе продолжам да работам професинално и согласно законите, ако евентуално сум згрешил условите за мое разрешување се содржани во Законот

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на седницата на Советот на јавни обвинители во врска со забелешките за работата на правосудниот систем и конкретно на Обвинителството, како и дали очекува негова смена истакна дека тој ќе продолжи да работи професионално и согласно законите, а доколку евентуално направил грешка, условите за негово разрешување се согласно Законот за јавно обвинителство. 

-Ова прашање го имам одговорено и претходно. Јас ќе продолжам да работам најпрофесионално, законито и чесно и се што е во мојата надлежност, што значи дека останатите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некаква грешка условите се согласно Законот за јавно обвинителство за евентуално разрешување на јавниот обвинител, одговори Коцевски на прашањето дали очекува смена, со оглед на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека го имаат потребното мнозинство, но и дека дава шанса на сите да докажат дека ја работат својата работа.

Коцевски денеска се осврна и на критиките за работата на правосудниот систем, упатени од премиерот, кој пред два дена изјави дека секогаш кога треба да се имплементира правдата, некој добива дијареа, температура или анксиозност и најави „робусна акција“ за справување со корумпираните обвинители и судии. 

Државниот обвинител рече дека ова се однесувало на еден случај од пред дваесетина дена, кога, според тоа што го соопштиле тогаш обвинителите се работело за вирус, односно здравствен проблем. Рече дека предметниот обвинител имал вирус и не можел да дојде на закажаниот состанок, истиот се одложил за три до пет дена, а потоа присуствувал и од тогаш до денеска се одржале неколку состаноци со надлежните служби од полицијата за евентуална координација на одредени предмети.

Тој не сакаше да каже за кој предмет станува збор, но рече дека се работи за предмет во надлежност на Основното јавно обвинителство - Скопје. На прашањето за коj обвинител станува збор рече: „се работи за обвинителот што работеше конкретно на предметот и се уште е со предметот и има координација со полицијата неколку пати од тогаш до денес“.

Коцевски изјави дека Обвинителството ќе преземе се што треба, кога до него ќе дојдат процесирани случаи и потсети на изјавата на министерот Панче Тошковски дека ќе бидат проверени 500 поранешни и сегашни функционери за кои што постојат индиции дека приложиле лажни сертификати по англиски јазик.

-Ако се сеќавате на настан, кој го организираше ЗНМ, министерот за внатрешни работи кажа дека има околу 500 фалсификати, што значи тој ја знаеше и бројката, а најверојатно знаел и кои се лицата. Според тоа, МВР има доставено одредени кривични пријави и сега е на потег МВР. Овде не може да се постапува по допрен глас, затоа што тие ги имаат конкретните лица. Така што, доколку има навистина 500-тина чекаме да се процесуираат и Обвинителството ќе преземе се што треба, рече Коцевски.

Во однос на изборот на новиот УО на Академијата за судиии, дали процесот може да се забрза и дали според него изборот на директорот е статутарен, рече дека од денеска Академијата има нов УО и тој таму номинирал јавен обвинител согласно Законот за јавно обвинителство. 

- Во однос на тој дел од денеска има нов Управен одбор и од моја страна е номиниран јавен обвинител, согласно Законот за јавно обвинителство да биде член на УО. Во однос на постапката дали била законита или не и во тој дел имав изјава со тоа што во Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители не е строго определено начинот на којшто евентуално ќе биде гласањето, што значи дека таму има да не речам нејасна една одредба со тоа што ценам дека гласањето беше јавно, имаше медиуми. За да биде тајно гласањето треба да има посебна постапка, треба да има кутии за гласање, треба да има ливчиња итн., а начинот на гласање УО тогаш донесе одлука да биде така, присуствуваа медиумите. Сега има тужба од страна на еден од кандидатите што не бил избран, Управниот одбор ќе одлучи, рече Коцевски. ар/ац/

Остани поврзан