• недела, 24 ноември 2024

Коцарев: Мала е веројатноста во следните 30 години да станеме рамноправна членка на ЕУ

Коцарев: Мала е веројатноста во следните 30 години да станеме рамноправна членка на ЕУ
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Треба да се соочиме со реалноста дека веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската Унија во следните 30 години, е многу мала, смета претседателот на Македонската академија на наука и уметностите (МАНУ), академикот Љупчо Коцарев. Како причини за тоа, Коцарев во своето обраќање по повод Денот на Академијата, ги наведе бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот, што се уште не се дел од Унијата, се до противењето на некои нејзини членки, во блокот да се вклучат нови земји со право на вето. Тој исто така ги повтори своите ставови во однос на општествената состојба во државата при што рече дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија „се одвива културен геноцид врз Македонците“. Пред воопшто да се пристапи кон потпишување на какви било договори, нашата држава мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорени страни, вели првиот човек на МАНУ. Коцарев смета дека стремежот за помирување на различните гледишта за историјата на Балканот е клучен фактор на актуелниот преговарачки пристап за влезот во ЕУ, но како што потенцираше, процесот постојано наидува на нови пречки, кога „отсуствува искреното покајување како чин на хуманост“. - Со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава Македонија, како и врз Македонците во соседните држави, но и насекаде каде што живеат и опстојуваат како народ, рече Коцарев. Коцарев смета дека пред воопшто да се пристапи кон пишување, па потоа и потпишувањето на какви било договори, нашата држава мораше и требаше да бара некаков облик на покајание од сите договорени страни, кои, како што рече, „многу години, па и децении вршеа геноцид на Македонците и не го признаваа постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик“. Според академикот Коцарев, Академијата треба да очекува јавно покајание од сите оние институции кои со години промовираат радикални и неправедни ставови што го загрозуваат и го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, што претставува основен услов за натамошна плодна и конструктивна меѓуакадемска соработка. Тој напомена дека во време кога не очекува висока инфлација, висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, нарушени синџири на снабдување и енергетска криза, потребна е Стратегија за национален развој и договор за економски реформи, политики и мерки, кои треба да се спроведуваат во следните најмалку 20-тина години. Ова, како што рече, треба да биде остварено во соработка со МАНУ, универзитетите, коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, а притоа, потенцираше, „надминувајќи ја клиентелистичката и партиска агенда на дејствување во општествените сфери“. Коцарев информираше дека МАНУ во 2023 година, во соработка со сите други општествени фактори, ќе пристапи кон изработка на Националната стратегија за развој на Македонија во следните 20 години. Во однос на состојбата со Академијата, Коцарев рече дека МАНУ денес е само слика на она што се случува во образованието, науката и уметноста, па затоа е целосно маргинализирана институција, доведена до работ на опстојувањето, со недоволно вработени на клучни места, неопходни за непречено институционално дејствување во делот на административната дејност и со вработени кои имаат најниски плати во однос на сите други вработени во јавните институции во државата. Сепак, како што напомена, без разлика на негрижата за „храмот на науката и уметноста“, бројот на научноистражувачки и уметнички проекти, финансиски поддржани од меѓународни институции, според индикаторот, поделен со вкупниот број академици и вработени во МАНУ, Академијата е меѓу водечките научни и образовни институции во светот. - Едноставно кажано, МАНУ, иако мала и целосно маргинализирана од владејачките елити во државата, и по квалитетот и по квантитетот, е светски препознатлива институција, додаде Коцарев. По повод денот на Академијата, по обраќањето на академикот Коцарев, денеска на академиците Павол Жиго и Каролин Снајвели им беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“. бт/сп/

Остани поврзан