Кос и Шмихал: Остануваме посветени на иднината на Украина во ЕУ
- Кос и Шмихал посочуваат дека и покрај предизвикувачкиот контекст, Украина покажала значителен напредок во спроведувањето на реформите поврзани со бизнис секторот, особено преку изработката и спроведувањето на Планот за Украина во рамките на Украинскиот механизам, како и преку реформите во рамките на процесот на пристапување на земјата во ЕУ.

Брисел, 10 април 2025 (МИА) - Ја потврдивме нашата посветеност на иднината на Украина во Европската Унија и за остварување на таа цел, треба да ги забрзаме нашите заедничките напори за поддршка на пристапот на земјата во ЕУ, за нејзина обнова, закрепнување и модернизацијата, како и за постепената економска интеграција на украинскиот во единствениот пазар на блокот, се наведува во заедничката изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос и украинскиот премиер Денис Шмихал по повод дводневниот Бизнис самитот ЕУ-Украина што денеска и утре ќе се одржи во Брисел.
- Ја истакнавме важноста од зајакнување на нашите економски и инвестициски врски врз основа на засилено деловно партнерство меѓу ЕУ и Украина во тесна соработка со приватниот сектор. Ова бара поповолна инвестициска клима имајќи ги предвид последиците од војната, се додава во изјавата.
Кос и Шмихал посочуваат дека и покрај предизвикувачкиот контекст, Украина покажала значителен напредок во спроведувањето на реформите поврзани со бизнис секторот, особено преку изработката и спроведувањето на Планот за Украина во рамките на Украинскиот механизам, како и преку реформите во рамките на процесот на пристапување на земјата во ЕУ.
- Овие реформи придонесуваат за подобрување на деловната клима и дополнително ќе ги олеснат инвестициите на компаниите од ЕУ. Постојаниот напредок ќе помогне да се зајакне довербата на инвеститорите и да се обезбеди долгорочен одржлив раст, се нагласува во заедничката изјава.
Во неа се посочува дека за постигнување на овие цели договорено е интензивирање на активностите за спроведување реформи за подобрување на деловното опкружување, за мобилизирање на финансиски инвестиции и за промоција на инвестициските можности на Украина.
- Се договоривме да одржуваме состаноци на високо ниво со водечките деловни асоцијации од ЕУ и Украина, за да го оцениме напредокот во нашите заеднички цели, за зајакнувањето на деловните партнерства и за справувањето со сите пречки за деловното партнерство ЕУ-Украина. Решивме првиот состанок да го одржиме на маргините на Конференцијата за закрепнување на Украина во Рим во јули 2025 година, се додава во заедничката изјава на Кос и Шмихал.
Во пресрет на Бизнис самитот, вчера во Брисел се одржа и 10-тиот состанок на Советот за асоцијација ЕУ-Украина, на кој ја Унијата ја истакна својата непоколеблива посветеност да му помогне на Киев да го искористи своето право на самоодбрана од руската агресија и да изгради мирна, демократска и просперитетна иднина.
Советот за асоцијација, меѓу другото, ја реафирмира поддршката за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право. Советот оцени и дека предлогот за прекин на огнот, доколку Русија го прифати, може да биде важен чекор во таа насока и дека сега е Москва треба да ја покаже својата волја за постигнување мир. сп/
Фото: МИА Архива