• недела, 20 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Кос за ЕНР/МИА: Србија да се врати на европскиот колосек, а лидерите во БиХ да работат за доброто на целата земја 

Кос за ЕНР/МИА: Србија да се врати на европскиот колосек, а лидерите во БиХ да работат за доброто на целата земја 

Брисел, 16 април 2025 (МИА) - Србија треба да се врати на европскиот колосек и ние како Европската комисија сме подготвени да направиме се што е потребно за да се случи тоа, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.   

- Очекувам од новата влада на Србија да биде проевропска и прореформска, истакна Кос, најавувајќи дека кон крајот на месецов ќе го посети Белград. 

Таа истакна дека на средбата на српскиот претседател Александар Вучиќ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен кон крајот на март било договорено Србија да изврши измени на законот за медиуми, да го реформира изборното законодавство, да формира Регулаторно тело за електронски медиуми и да исполни други одредби од декемврискиот Нон-пејпер. 

- Ако Србија го исполни ова, тогаш секако дека ќе може да напредува и да го отвори следниот кластер. Навистина се надевавме дека сега Србија ќе се врати на потребните реформи. Тука се работи и за одредниците. Тоа е Акцискиот план за борба против корупцијата. Станува збор за слободата на медиумите и многу други кои произлегуваат од Кластерот 1 за судството и за основните права, рече еврокомесарката за проширување. 

Кос истакна дека она што ЕУ го бара од Србија на европскиот пат е истото што го бараат демонстрантите во земјата - владеење на правото, борба против корупцијата и транспарентност во јавните набавка. Според неа, властите треба да престанат да ја поткопуваат работата на граѓанските организации и да ги вклучат во пристапниот процес, што е еден од предусловите за земјата.  

- Вучиќ вети дека Србија ќе испорача и навистина се надеваме дека ќе испорача. Навистина се надеваме и посакуваме Србија да се врати на (европската) патека, рече Кос. 

Таа  потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека денеска заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, според Кос, сите ентитети треба да го направат она што навистина е најдобро за целата земја. 

- Се сретнав со министерот за надворешни работи (на Бих, Елмедин) Конаковиќ во Луксембург и тој ми објаснуваше дека има прозорец на можности за усвојување на дополнителните закони кои се потребни, дека Босна може да се најде на пристапниот колосек и дека ќе може да продолжи со реформската агенда, рече Кос, додавајќи дека ЕУ е свесна за „институционалната или политичката криза“ во која е западната БиХ. 

Според неа, Конаковиќ оценил дека БиХ се наоѓа во најдлабоката политичка и уставна криза по Војната, особено поради „сецесионистичките тензии на Република Српска или на еден од претставниците на Република Српска“. 

Таа најави дека наскоро ќе отпатува во БиХ, потсетувајќи дека високи претставници на ЕУ и на земји членки изминатиов период го посетиле Сараево со цел да помогнат за деблокада на државата и на нејзиниот пристапен процес, но дека тоа не дало резултати.   

- Јас би била веројатно најсреќна на светот кога ќе можеме да почнеме да преговараме со Босна. Тие навистина го заслужуваат тоа. Народот на Босна го заслужува тоа. За жал, некои од политичарите работат против тоа, рече Кос. сп/ац/

Фото: ЕНР/МИА Архива  

Остани поврзан