• недела, 28 јули 2024

Костин: Коментарите на Путин за финансирањето на „Вагнер“ ја откриваат улогата на групата во војната во Украина

Костин: Коментарите на Путин за финансирањето на „Вагнер“ ја откриваат улогата на групата во војната во Украина

Киев, 3 јули 2023 (МИА) – Неодамнешните коментари на рускиот претседател Владимир Путин за државното финансирање на руската приватна воена компанија „Вагнер“ се „нешто како директен доказ“ дека групата е нелегална воена формација на руската армија, чии припадници учествуваат во војната во Украина, изјави главниот украински обвинител Андриј Костин.

Путин минатата недела изјави дека „Вагнер“ и неговиот основач, Евгениј Пригожин, изминатата година добиле речиси две милијарди долари од Русија.

Костин денеска присуствуваше на отворањето на Меѓународниот центар за гонење на агресија во Хаг. Тој истакна дека неговата канцеларија го категоризирала Пригожин како осомничен за време на истрагите оваа година и дека борците на „Вагнер“ се одговорни за некои од најсериозните воени злосторства од почетокот на руската инвазија врз Украина.

Ангажирањето на платеници во вооружени конфликти е забранета со Женевските конвенции.

- Речиси 93.000 случаи на потенцијални воени злосторства што ги истражуваше Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина, голем број се извршени од „Вагнер“. Групата „Вагнер“ претставува закана не само за Украина, туку и за мирот и безбедноста во многу земји, вклучително и Јужна Америка, Африка и Блискиот Исток, наведе Костин.

Тој додаде дека Пригожин веќе е осомничен за криминални дела во Украина, посочувајќи оти „главното прашање е да се запрат активностите на таквите групи“. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан