• сабота, 23 ноември 2024

Костадинов очекува во наредните денови да се реши проблемот со вода за пиење во Струмица

Костадинов очекува во наредните денови да се реши проблемот со вода за пиење во Струмица

Струмица, 18 октомври 2024 (МИА) - Градоначалникот Костадин Костадинов и раководството на „Комуналец“ очекуваат во наредните денови конечно да се реши проблемот со водата за пиење во Струмица и шест населени места, односно Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да издаде решение дека водата е исправна за пиење.

Ова беше соопштено на вечерашната прес - конференција на струмичкиот градоначалник, која се одржа во Фабриката за вода.

-По двете направени анализи од акредитирана лабараторија за хемиско-физичкиот состав на излезната вода од Фабриката за вода и една анализа од акредитирана лабораторија во однос на присуството на бактериите, имаме доказ дека водата во Струмица е исправна и истата е чиста и безбедна за пиење. Останува дополнително да се почека анализата од Институтот за јавно здравје и во однос на хемиско-физичкиот состав и во однос на микробилогијата за да може инпекторот од АХВ да донесе решение за конечно да може водата да се употребува за пиење, рече Костадинов.

Во продолжение на прес - конференцијата тој се осврна на изминатиот период од три недели и како што рече поминале низ вистинска голгота-институционална, политичка и експертска.

- Сакам да потенцирам дека немаше никаква потреба да собираме донации за вода, бидејќи обезбедуваме вода за пиење. Особено срамно и жално и неблагодарно беше од страна на една компанија од Кавадарци да се донира вода за пиење директно на политичка партија. Доколку не сакале да соработуваат со Струмица тоа можеле да го сторат преку Црвениот крст, преку Центарот за управување со кризи кадешто има јасен и точен протокол за делење на питка вода, посочи Костадинов.

Според него, недозволиво е во целиот тој период да не се седне на маса и да се види што се случувало со водата во браната „Турија“ и да се види од каде е изворот на манган во водата.

Костадинов најави дека пратениците на СДСМ ќе поднесат интерпелација за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, бидејќи не се појавил во Струмица.

- Ние како Струмица и струмичани добивме прес - конференција, безобразна и срамна од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство каде неаргументирано, без ниту една бројка, излезе да се расфрла со обвинувања. До денеска истиот тој министер, ако може така да го наречеме, не се појави и не собра храброст да излезе пред Струмица и струмичани да каже кои се бројките и какви се анализите од Институтот за јавно здравје, кој во моментот е под палката на централната власт и да каже што е причината за појавата на манган. Тоа е доволна причина за нашите пратеници или дел од пратениците во македонскиот парламент да поднесат интерпелација, истакна Костадинов.

На крајот рече дека дека останува отворено прашањето зошто водата во Василево и во Босилово не е е здрава за пиење и зошто досега не се споделени такви информации. рт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан